Атина дозволи увид во документи за пучот во Никозија во 1974 година

Комеморација на жртвите од пучот во Никозија - Фотографија ЕПА, Ката Христодулу

Откако поминаа 50 години од Кипарската криза, грчките разузнавачки служби укинаа забрана за пристап до 58 извештаи во врска со грчкиот државен удар во Никозија, што придонесе за турска воена инвазија и поделба на медитеранскиот остров.

– Документите (што досега беа строго доверливи) ја објаснуваат грчката перспектива во периодот помеѓу јули и август 1974 година. Објавени се со цел да придонесат подобро да се разбере што точно се случувало – објави Националната разузнавачка служба (ЕГП).

Последиците од кризата се чувствуваат половина век. На пучот поттикнат од Атина, само пет дена подоцна реагираше Анкара со воена инвазија на северниот дел на Кипар, кој сѐ уште е поделен. Грција и Анкара периодично ги зајакнуваат иницијативите за решавање на кипарскиот проблем и за обединување на островот. Обелоденувањето на документите сигурно ќе предизвика реакции и негодувања, но долгорочно ќе придонесе за надминување на проблемите.

– Педесет години се прилично многу и затоа е прилично безбеден период, кој не ве притиска, но ви дозволува да погледнете назад во националната и во професионалната самосвест – изјави генералниот директор на ЕГП, Темистоклис Демитрис.

Објавените 58 документи говорат за тензиите помеѓу тогашната воена хунта во Атина и раководството во Никозија. Кипарските власти биле убедени дека Атина се меша во нивните внатрешни работи и дека ја поткрепува паравоената група ЕОКА Б. Извештај од 2 јули 1974 година содржи предупредувања од кипарски функционери, кои инсистирале да запре грчкото воено присуство на Кипар.

Хунтата спроведе пуч на Кипар на 15 јули, но како последица самата падна од власт во Атина девет дена подоцна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот