Атанасов пред дербито со Работнички: Фаворити сме, но знаеме дека нема да биде лесно

фото: kfsm.mk

Денеска од 20.15 часот во полуфиналето од кошаркарскиот плеј-оф во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје ќе се игра првиот меч помеѓу градските ривали МЗТ Скопје Аеродром и Работнички.

Своите размислувања пред „вечното“ дерби ги сподели тренерот на МЗТ, Васко Атанасов кој дојде како замена за Драган Николиќ кој ја прекина соработката со актуелниот македонски шампион по објавата за суспензијата од 10 натпревари.

– Дуелите со Работнички секогаш носат посебен предизвик, но и одговорност. Нема простор за опуштање, а начинот на кој се игра до две победи е и дополнителен мотив да се даде сè од себе од првата до последната секунда. Фаворити сме, но знаеме дека нема да биде лесно. Веруваме во квалитетот кој го поседуваме и ако одиграме како што знаеме, тогаш победата ќе биде многу блиску. Очекуваме спектакл каков што заслужува едно вакво дерби, секако со радосен епилог за нашиот тим на крајот – вели Атанасов.

Капитенот на Работнички, Горјан Марковски ја стишува еуфоријата по „преминот“ преку Гостивар во полуфиналето на плеј-офот, а пред почетокот на серијата против МЗТ.

– Нè очекува „вечното дерби“ во полуфиналето каде што на хартија фаворит е МЗТ Скопје. Но, одиме да го дадеме максимумот и без предавање. Знаеме дека во овие натпревари не секогаш победува фаворитот, туку оној кој ќе покаже повеќе желба на теренот и ќе има поголем мотив за победа. Имавме доволно време да се подготвиме за овој натпревар. Се надевам на полни трибини, фер атмосфера, и да го вратиме стариот сјај на вечното дерби на македонската кошарка – се зборовите на Марковски.

Билетите за денешниот дуел се во продажба со цена од по 100 денари за сите блокови, а може да се купат преку www.karti.com.mk и www.mktickets.mk, преку продажните места на „МК Тикетс“, како и на билетарницата пред СЦ „Јане Сандански“ сè до почетокот на натпреварот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот