Сунита Вилијамс и Буч Вилмор - Фото: Brandon Bell / Getty images / Profimedia

Астронаутката Сунита Вилијамс се пензионира: Од маратон во вселената до девет месеци во орбитата

Долгогодишната астронаутка на НАСА, Сунита Вилијамс, во вторник објави дека се пензионира, при што нејзиниот неочекувано долг тест лет со Боинговиот Старлајнер (Starliner) стана нејзиниот последен лет во орбитата како член на астронаутскиот корпус, пренесува „Си-ен-ен“.

Вилијамс, која од приклучувањето кон НАСА во 1998 година поставила повеќе рекорди во вселенските летови, во соопштението на НАСА не наведе причини или детали околу времето на нејзиното пензионирање.

„Секој што ме познава знае дека вселената е моето омилено место“, изјави Вилијамс.

„Беше неверојатна чест што служев во Астронаутската канцеларија и што имав можност да летам во вселената три пати.“

Нејзиното прво патување на Меѓународната вселенска станица беше во 2006 година со мисијата на вселенскиот шатл Дискавери (Discovery), а потоа во 2012 се врати во орбита во руската капсула Сојуз.

Последната мисија, во која таа заедно со колегата астронаут Буч Вилмор ја тестираа новата капсула Старлајнер на Боинг во првата мисија со екипаж, се покажа како најпозната.

Вилмор и Вилијамс првично очекуваа да поминат околу една недела на вселенската станица, но поради технички проблеми, останаа повеќе од девет месеци. НАСА, поради безбедносни причини, на крајот го врати леталото на Земјата без екипаж.

Иако двојката привлече меѓународно внимание, тие честопати истакнуваа дека уживале во времето во орбитата и биле добро подготвени за неочекуваното продолжување на мисијата.

„Имав неверојатна 27-годишна кариера во НАСА, благодарение на љубовта и поддршката од моите колеги“, рече Вилијамс.
„Меѓународната вселенска станица, луѓето, инженерството и науката навистина будат восхит и обезбедија основа за истражување на Месечината и Марс. Се надевам дека темелите што ги поставивме ги олеснија тие храбри чекори.“

Вилијамс помина вкупно 608 дена во вселената, што е втор најголем број денови меѓу астронаутите на НАСА, веднаш зад Пеги Витсон.

Таа направи 62 часа „слободно лебдење“ во девет различни вселенски прошетки, што ја прави најуспешната жена во таа категорија и четврта во светот. Во орбита, Вилијамс забележа неколку уникатни достигнувања: во 2012 стана првата личност што заврши триатлон во вселената, а претходно, во 2007, беше првата личност што трчала маратон во вселената.

Нејзиниот колега, Буч Вилмор, исто така се пензионираше, по завршувањето на тест мисијата. Нивниот одлет следува примерот на Боб Бенкен и Даг Херли, кои ја водеа првата тест мисија со екипаж на SpaceX Crew Dragon во 2020.

Иако Starliner имаше технички проблеми како пропусти на погонските мотори и истекување на гас, Вилијамс истакна дека би летала повторно со капсулата доколку им се пружи прилика.

„Капсулата навистина е способна. Постојат работи што треба да се поправат и луѓето активно работат на тоа. Но, тоа е одлична капсула со многу можности кои други ги немаат, и да се биде дел од овој програм е вистинска чест“, рече Вилијамс на конференција по враќањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот