Асоцијацијата „Икон“ започна проект за развивање на свеста за значењето на Старата скопска чаршија

Со поставување копии на дела од различни уметници во неколку нестандардни простори Асоцијацијата за култура „Икон“ започна проект за развивање на свеста за значењето на Старата скопска чаршија.

Претставувањето на чаршијата преку копии на уметнички дела е нов проект на Асоцијацијата за култура „Икон“, именуван како „Слика на подарок“, кој е предвидено да содржи дела на странски и домашни уметници. По една од пет репродукции од графики на познатиот чешки уметник Франта Мали, со мотиви од Старата скопска чаршија од 1934 до 1936 година, добија на подарок хотелите на нејзина територија: „Арка“ и „Доа“, гостилницата „Кај Гоце“, златарницата „Зеко голд“ и чајџилницата „Шишо бар 21“. Проектот е поддржан е од Град Скопје, а од „Икон“ се надеваат дека поддршката ќе продолжи и во иднина.

– Идејата да се претстави Старата скопска чаршија преку уметнички дела од уметници што припаѓаат на различни генерации е со цел да се развие свеста за значењето на чаршијата, која опстојувала низ различни периоди на развитокот на градот Скопје. Со самото тоа, носителите на различните дејности што ги вршат во неа, мора да градат посебен однос за неа за да го задржи основниот историски изглед, со што ќе се задржи и уникатноста и таа ќе биде препознатлива кај посетителите.

Изложените слики треба да бидат провокација за граѓаните и туристите да се заинтересираат за нејзината историја, а со самото тоа да го посетат и Музејот на Старата скопска чаршија, во објектот Сули ан, со што би имале поцелосна слика за животот во неа во изминатите периоди. На тој начин би се формирала критична маса за задржување на денешниот изглед на чаршијата – потенцираше деновиве претседателот на „Икон“, Климе Коробар.

Репродукција од Франта Мали со мотив од Старата скопска чаршија

Уметникот Франтишек Франта Мали (1900 – 1980) е роден во Чешка. Сликарство завршил на академијата во Прага, кај професорот Влахо Буковац. Познат е како сликар, графичар, педагог. По женидба со Србинка, се преселил да живее во Белград. Создал повеќе стотици дела со мотиви од просторот на целата некогашна држава Југославија. Се занимавал со книжевност под псевдонимот Вјездински. Цртежите на Франта Мали од проектот „Слика на подарок“ се дел од графичката мапа „Југославија“, која е објавена во 1939 година во Белград. Оваа збирка од сто четириесет и четири репродукции на оригиналните цртежи, со осум репродукции во боја на Мали, со предговор на Иво Бркоевиќ во 3.500 примероци ја издала книжарницата на Милорад П. Милановиќ.

– Масла, акварели, цртежи од Охрид, Битола, Дебар, Кичево, Скопје, Струмица, Кратово, Тетово и од Косово би можеле да ги украсат најголемите уметнички галерии во земјата, како и во странство, и да направат непроценлива корист на нашиот туризам. Не заостануваат ниту другите диви и романтични предели на Југославија. Сараево и Мостар, Босна и Црна Гора, Санџак и Далмација пламтат од колоритот на највисокиот музички тон на природата. Во тие предели Мали ја наоѓа специфичноста на својот творечки талент. Тоа веќе не се слики, тоа се објекти кои се чувствуваат, кои се така интимни и блиски, што создаваат илузија на непосреден животен контакт – напишал, меѓу другото, Иво Бркоевиќ во графичката мапа.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот