Арс ламина – публикации: Најпознатите монолози на Тошо Малерот се објавени во „Монологија“

Книгата „Монологија“ на Васко Тодоров, во која се собрани сите култни монолози на неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот од легендарното шоу „К-15“, беше издадена неодамна под капата на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Во книгата се собрани најпознатите монолози на Тошо Малерот, но и скечеви кои не биле емитувани на телевизија. Во промотивното видео, каде Васко Тодоров се појавува во улога на неговиот лик Тошо Малерот, се зборува и за правецот на самото дело.

– Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање – вели тој.

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода била емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика, особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите. „К-15“ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.

На 17 август, во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Сити мол“, Васко Тодоров ќе ја потпишува неговата книга „Тошо Малерот: Монологија“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 44, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот