архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан
Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Архиепископот Стефан: На мајчин македонски јазик да објавиме – „Христос Воскресна“

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архијерејски синод, упати традиционално Пасхално послание до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници по повод најголемиот христијански празник – Велигден.

Во овогодишното послание, Синодот на МПЦ-ОА потсетува на суштината на христијанската вера, истакнувајќи дека Велигден е празник на победата на животот над смртта и светлина која ја прогонува темнината.

Архиепископот Стефан повикува на неизмерно смирение, простување и пожртвуваност за секој човек, следејќи го примерот на Христовото снисходење.

„Во оваа свештена велигденска радост, ние христијаните имаме голема одговорност бидејќи сме должни да ја сведочиме победоносната вест за Воскресението… Овој разгорен оган кој го проголта гревот не ни е даруван само нам, туку за целото човештво и за сиот свет“, се вели во посланието.

Покрај духовните пораки, посланието посебно се осврнува на богатата историја на македонскиот народ и црква. Архиепископот Стефан потенцира дека ова лето Господово е во знакот на неколку исклучително важни годишнини кои претставуваат темел на македонската црковна и национална самосвест:

1140 години од враќањето на светите Климент и Наум во Македонија од Моравската мисија, настан со кој се поставиле темелите на Охридската книжевна школа и црковно-литургискиот живот на Охридската Црква.

1110 години од блаженото упокојување на свети Климент Охридски, патронот и закрилник на МПЦ-ОА.

150 години од кревањето на Разловечкото востание.

80 години од донесувањето на првиот Устав на НР Македонија, со кој се потврди возобновената македонска државност.

Спомнувајќи ги овие историски меѓници, Синодот упати силна порака до верниците да го чуваат споменот за предците кои се вградиле во основата на Татковината и Црквата.

„Овие незаборавни настани нека ни бидат поттик за да ги сочуваме придобивките коишто ни ги оставиле, а потоа и да ги надградуваме, давајќи нови плодови. Светлината на Христа воскреснатиот нека нè просвети, та во братољубие, оттука, па до сите краишта на светот, до каде што нè има како народ и како Црква, да објавиме на нашиот мајчин македонски јазик: Христос Воскресна!“, се заклучува во Пасхалното послание на МПЦ-ОА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот