Апелација ги потврди затворските казни за убијците на ракометарот Денис Тот

Фото: МИА, Фејсбук / Колаж: „Слободен печат“

Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, со што ќе треба да издржи казна затвор во траење од 18 години. Жалбите на Клементина Лефковска и Андреј Костовски се делумно уважени, со што Клементина ќе издржи 18 години, а Костовски 16 години казна затвор, има само преиначување во досудениот износ на име нематеријална штета.

Обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да и исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, додека на Б.Т., брат на покојниот, му е досудена исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Согласно пресудата при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда – соопшти Апелација.

Кривичниот суд Скопје на 30 ноември лани, за убиството на Денис Тот на повеќегодишни затворски казни ги осуди Анџело Ѓорѓиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски.

Дваесет и седумгодишниот Тот, кој настапуваше за македонскиот суперлигаш Бутел, почина на 8 април 2022 откако бил претепан пред ноќен клуб во Градски парк.

Според обвинителниот акт, Ѓорѓиевски, Левковска и Костовски, на 7 април по кратка расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај него најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал.

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.

На јавната седница што се одржа пред околу два месеци во Апелација, адвокатите на обвинетите истакнаа дека пресудата е неоснована поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба, повреда на Кривичниот законик и одлуката за кривичната санкција.

Иле Танев, бранител на обвинетиот Ѓорѓиевски, тогаш изјави дека мотивите што се наведени за убиство, како што рече, „не може да опстојат бидејќи немало никакво познанство помеѓу обвинетиот и оштетениот“.

– Во една ваква состојба не постои никаква умисла. Го оспоруваме делот дека Судот прифаќа дека кај тројцата обвинети се вродила некаква умисла да сите тројца го сторат ова кривично дело, рече Танев.

Според него, околностите што им одат во корист на обвинетите не се земени предвид.

– Како што е расправијата во таксито, начинот на настанатата ситуација и тоа што Анџело дава прва помош, посочи Танев.

Според адвокатот, алкохолизирана состојба на ракометарот дала голем придонес за да се случи тоа што се случи и последиците да бидат такви какви што биле.

Бранителот на обвинетата Клементина Левковска, Емил Гугутчески, побара предметот да се врати на повторно судење и истакна дека судот не го обезбедил клучниот сведок, односно таксистот.

Еленко Миланов, бранител на обвинетиот Андреј Костовски, истакна дека ова дело не може да се квалификува како убиство или соизвршителство.

– Неспорно од она што произлегува од тие видео записи е дека по првичниот пад на плочникот на сега починатиот Тот, истиот нема никакво самостојно движење, посочи адвокатот Миланов, образложувајќи дека ударот од Андреј во градниот кош, според него, не можел да доведе до последиците кои настанале.

Обвинетите, исто така, се приклучија кон жалбите на своие бранители и истакнаа дека не посакувале да се случи тоа што се случило.

Обвинителството, од друга страна, предложи жалбите да се одбијат како неосновани, бидејќи, според нив, фактичката состојба е правилно утврдена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот