Антонио Димитриевски: Антиталенти доминираат во сите сфери, не само на естрадата! 

Фото: Приватна архива

По осамостојувањето, можевме да доминираме на музичката сцена, а за жал згаснавме како метеори, смета Антонио Димитриевски, кој во разговорот за Еспресо.мк открива каде, според него, ептен ја утнавме работата.

За тоа што се случува на македонската музичка сцена и зошто не мрднуваме од мртва точка, односно одиме во рикверц, разговараме со музичкиот новинар, музичар и продуцент, Антонио Димитриевски, кој повеќе од три децении ја следи музичката сцена и активно се залага за нејзино подобрување.

Што, според тебе, се промени на македонската естрадна сцена од 90-те години до денес?

– Многу нешта. Пред сè, пристапот на медиумите кон естрадата. Во 90-те беснеше војната на екс-ЈУ просторите, тогашните републики во распад, сегашните држави имаа прекин на меѓусебните комуникации, постоеше огромна дупка во етерот која требаше да се пополни. Ние тргнавме да го искористиме моментот и да создаваме сопствена сцена од веќе постоечките и нови музички имиња, МРТВ и нешто подоцна првите приватни радија и телевизии ја повлекоа работата и наеднаш после 5-6 до 10 години нагло застанавме. Некој крена рачна! Почна сè помалку да им се дава простор на домашните имиња во етерот,  печатените медиуми почнаа полека да исчезнуваат, газдите на големите телевизии влегоа во спрега со политиката од која сфатија и едните и другите дека имаат корист, наместо сопствената ентертејмент продукција влетаа најпрвин шпанските, па турски серии како „евтина забава за милиони“, политилчките емисии и вестите го окупира просторот и… Естрадата почна да умира. Најпрвин полека, неосетно, а потоа сè повеќе и побрзо и последните години нагло се урна во бездната без дно. Во слободен пад кој сè уште трае. Блесоци секогаш имало и ќе има, но една ѕвезда не чини соѕвездие, едно мало соѕвездие не го отсликува ѕвездениот универзум во кој можевме да доминираме, а за жал згаснавме како метеори.

фото – приватна архива

На кој начин денес се станува естрадна ѕвезда?

– Тешко, речиси невозможно. Македонија е и понатаму мала бара полна со крокодили. Најмалку домашни, најмногу од оние големите однадвор, кои со нерегулиран пазар и правила на игра, за три децении изнесоа стотици милиони во кеш преку граница. Од Цеца и Аца Лукас, до Здравко Чолиќ и Саша Ковачевиќ… и уште илјадници други „ситни гирици“ на кои Македонија им е Мека и Медина за добра ловина, во кеш евра, секако! На нашите деца им останува да бидат статисти на свој терен, во сопствениот естраден филм или да се туркаат во редот со останатите таленти во регионот како деца во слаткарница за понекое ситно „Гранд“, „Пинк“ или не знам веќе кое колаче.

Што сè е потребно за да егзистира една естрадна сцена?

– Пред сè услови. Слух од државата дека естрадата не е петпарачка забава за сиромашни, туку може да биде сериозен бизнис, добар приход и за оние кои делуваат на неа и за самата држава, а пред сè издувен вентил, забава за народот, но и негова културна надградба, едукација. Нација со висока свест и развиена култура никогаш нема да капитулира, зашто токму културата е дел од идентитетот дури и по дефиниција: фолклорот, музиката, песните, во спрега со обичаите, носиите, јазикот во стиховите… А, што се друго ако не обележја на една нација! Ако државата го сфати тоа, а на Балканот само ние не сме го разбрале, со своите механизми, закони, правила на игра, може да наметне и медиумите својот „прајм тајм“ да мораат да ѝ го препуштат на забавата…

Целиот текст прочитајте го ТУКА.
Извор: Еспресо.мк

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот