„Антолог“ ја објави книгата „Ј•А•С. Години плодни“ од професорот Људмил Спасов

Издавачот „Антолог“ во 2021 година ја објави книгата „Ј•А•С. Години плодни“ од Људмил Спасов. Станува збор за издание од 242 страници, кое, во својата основа, има автобиографска содржина, но како што споменува и самиот автор во воведот, текстот на ваквата книга не му припаѓа на ниту еден жанр, но и ниту еден жанр не е оддалечен од овој текст.

Изданието е поддржано од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, а го носи и логото „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.

Во својот осврт д-р Борче Арсов од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, меѓу другото, забележува дека книгата содржи работна биографија на авторот, вклучувајќи и поважни настани што особено придонеле во неговата кариера. Понатаму, се дава детална библиографија по години и по теми, а вклучени се и темите и датумите на предавањата што авторот ги одржал на странските универзитети.

Во продолжение е даден преглед на рецензии што се објавени по повод на некои негови студии или книги во кои тој се јавува како автор или како уредник. Во книгата се претставени и издвоени мислења на некои поранешни кандидати на кои тој им бил ментор на магистерските и на докторските студии, а таа завршува со извадоци од рецензии по повод неговите избори во различните универзитетски звања, составени од негови професори или колеги.

– Првиот поголем дел од книгата, кој, всушност, претставува автобиографија, е мошне интересен и сликовит, и буквално и фигуративно. Првото, зашто авторот вклучува колор фотографии и факсимили, кои самиот ги издвојува како важни за својот живот и за својата кариера, а второто, зашто Спасов покажува особена дарба за раскажување и, на начин својствен само за него, хронолошки ги подредува случувањата од својот живот. Овде се вклучени настани и фотографии од приватниот живот на авторот, од најмладите денови, па сè до оние поврзани со неговата работа како професор, истражувач и верен и доследен наследник на работата на својот учител, Блаже Конески.

Книгата претставува особено интересно четиво, кое, најчесто во прво лице, ни го претставува ликот и делото на авторот, Људмил Спасов. Со оваа книга, авторот му овозможува на секој читател да нурне, пред сè, во неговиот професионален живот, а, дозирано и сосема умесно, му го доближува и својот приватен живот – заклучува Борче Арсов.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 115, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот