Антикорупциска чека тужба од Академијата за судии, разврската зависи од Управниот суд

Нова антикорупциска/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) нема коментар за тоа дали Комисијата донела политичка одлука и, како што тврдат Академијата за судии и обвинители, дека тројца од петмината членови кои одлучуваа на седницата по приговорот на Гордана Силјановска Давкова имале судир на интереси

Државната комисија за спречување на корупцијата не ги коментира обвинувањата од Академијата за судии и обвинители дека донела политичка одлука кога на јавната седница во средата го прифати приговорот од кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова за прекршување на изборните правила и на антикорупцискиот закон со тоа што Академијата ги вработила на определено време слушателите од деветата генерација на почетна обука. Од ДКСК на прашањата на „Слободен печат“ одговорија дека јавната седница на 10 април беше одржана во согласност со начелата на законитост, интегритет, еднаквост, јавност, заштита и одговорност уредени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

– Целокупната документација поврзана со сите наводи кои се однесуваат на прекршување на правилата на постапката, ќе ја доставиме и ќе се изјасниме како одговор на најавената тужба пред Управниот суд – велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.

Академијата за судии и јавни обвинители, незадоволни од постапката и од одлуката на ДКСК најавија тужба пред Управниот суд.

По одлуката во средата од ДКСК најавија дека ќе преземат мерки согласно надлежностите и ќе иницираат постапка за утврдување на одговорност пред надлежните органи.

На прашањето на „Слободен печат“ кои се следните чекори на ДКСК и до кои надлежни институции ќе поднесат пријави или поднесоци во врска со прекршувањето на Изборниот законик од страна на АСЈО, од Комисијата одговорија дека понатамошниот тек на постапката ќе зависи од одлуката на Управниот суд.

Од ДКСК не се изјаснија за обвинувањата од АСЈО дека Комисијата донела политичка одлука и дека тројца од петмината членови кои одлучуваа на јавната седница имале судир на интереси, како и на ставот на Академијата дека практично не се работи за класични вработувања, затоа што ако кандидатите по обуката имаат одреден спор се упатуваат на управен спор пред управните судови, а не на работен спор пред граѓанските судови.

За одлуката на ДКСК се изјасни и кандидатката за претседател Силјановска Давкова, која е задоволна и очекува и Управниот суд да ја потврди откако Академијата ќе се жали, односно ќе тужи.

– Да, очекувам. И однапред кажувам дека јас немам доверба во Управниот суд, особено во претседателот на Управниот суд, кој во некои пресуди цитира членови што не постојат, што се укинати. Инаку, да, првата средба со новиот состав на Антикорупциска комисија мене ми ветува дека ќе продолжи таму каде што претходниот состав застана. Инаку, јас без оглед на пресудата на Управниот суд ќе ги информирам за ова ОБСЕ/ОДИХР, ама и донаторите на Академијата – рече Силјановска Давкова во интервју за МИА.

Таа потенцира дека претставката во ДКСК не ја поднела како кандидатка за претседател, туку како професорка бидејќи изборните правила треба да се почитуваат.

– И затоа мислев дека на мојот приговор со наводи ќе добијам контраодговор, ама слушав раскажување зошто била формирана Академијата, како таа била посебна институција, како тоа бил специфичен нетипичен работен однос – рече Давкова.

Силјановска Давкова во приговорот до ДКСК наведува дека според член 8-а од Изборниот законик од денот на распишување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или за престанок на работен однос во државните и јавните институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Од Академијата најавија дека ќе ја чекаат одлуката на Управен суд за да знаат како да постапат понатаму со слушателите од деветата генерација.

– Академијата ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата ѝ беше ускратено правото на одговор. Академијата искрено верува во институциите на системот и ќе ја почитува одлуката во Управниот суд и согласно истата, доколку биде уважена тужбата на АСЈО, ќе продолжи со приемниот испит, за што благовремено ќе ги извести кандидатите – вели застапникот на АСЈО Сања Пандилов за „Слободен печат“.

Од Академијата минатиот месец подетаљно ја објаснија состојбата со деветата генерација слушатели на почетна обука. Наведоа дека постапуваат според мислењето на ДКСК од 2017 година, затоа што по измените на Законот за ДКСК од 2019 година Антикорупциската комисија повеќе не дава мислења за начинот на постапување во изборниот период. Во тоа мислење од 2017 година ДКСК се изјаснила дека не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука, доколку за нив била обезбедена финансиска согласност за 2017 година и се работи за вработувања во случај на итни и неодложни работи. Според АСЈО во конкретниот случај не станува збор за засновање на работен однос, туку за спроведување на фази од приемниот испит во рамките на почетната обука, затоа што со стекнување на статусот на слушател на почетната обука, тој заснова работен однос на определено време со АСЈО до изборот за судија или јавен обвинител, но нема гаранција дека секој слушател ќе биде избран на функцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот