Академија за судии: Антикорупциската комисија донесе политичка одлука по приговорот на Силјановска

Фото: МИА

Академијата за судии и јавни обвинители ќе поднесе тужба до Управниот суд против одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата која вчера одржа јавна седница и едногласно одлучи дека АСЈО го прекршила Изборниот законик со одлуката за засновање на работен однос на кандидатоте кои ја посетуваат обуката во Академијата. Од Академијата одлуката на Антикорупциската комисија ја оценуваат како политичка и укажуваат дека на јавната седница имало низа недоследности и процедурални повреди.

Антикорупциската комисија заседаваше во средата на државниот празник Рамазан Бајрам, за да одлучува по приговорот што на 6 април го испратила кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова за вработувањата во АСЈО за време на изборите и ја прифати едногласно, со пет гласа „за“. Од ДКСК ги прифатија како основани сомневањата за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси и од Изборниот законик и најавија дека ќе иницираат постапка за утврдување на одговорност пред надлежните органи.

Државниот советник што ја застапува АСЈО Сања Пандилов вели дека Антикорупциска сторила најмалку три процедурални повреди – им го скратила законскиот рок за одговор за три часа, тројца членови не се изземале од одлучувањето иако имале судир на интереси и не им ги прифатила сведоците.

Како тројцата членови на ДКСК со судир на интереси таа ги наведе Сервет Демири, кој бил пријавен на тековниот оглас на Академијата за кој се одлучуваше, Цвета Ристова, која предавала во Академијата во 2022 година и Билјана Каракашова Шулев која е номинирана од страна на ДКСК за имплементација на 24-месечен проект што го спроведува Академијата во соработка со Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, а нејзинот сопруг во 2017 година бил донатор во партијата чиј кандидат за претседател го поднел приговорот против Академијата.

Застапничката на АСЈО Сања Пандилов вели дека како сведоци на јавната седница ги повикале претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители за да ја објаснат итната потреба од регрутација на кадри во судовите и обвинителствата, но ДКСК одбиле.

– Уште една процедурална повреда е што ДКСК одлуката по приговорот ја донесе на нејавна седница, а јавната седница на која беше поканета Академијата беше од формален карактер. Фактичката состојба веќе беше претходно утврдена на нејавна седница, а на крајот од јавната седница членовите воопшто не се ни повлекоа за да одлучуваат по претставката од претседателскиот кандидат, туку Претседателката на ДКСК само кажа дека се работи за нејзин предмет и ја прочита однапред подготвената одлука, а членовите на Комисијата гласаа по истата – наведува Пандилов во одговорот до „Слободен печат“.

Таа како аргумент во одбрана на Академијата дека не се разботи за класичен работен однос го наведува тоа што по завршувањето на постапката кандидатите ако имаат спор се упатуваат на управен спор пред Управните судови, а не на работен спор пред граѓанските судови.

– Од овие причини Академијата по добивањето на Одлуката од ДКСК ќе поднесе тужба и истата ќе биде заснована на факти, а не на политички маркетинг, невистини и инсинуации како што беше случајот со јавната седница, кога претседателскиот кандидат се повикуваше на некакви писма и изнесуваше разни шпекулации и измислици, а на Академијата ѝ беше ускратено правото на одговор. Академијата искрено верува во инситуциите на системот и ќе ја почитува одлуката во Управниот суд и согласно истата, доколку биде уважена тужбата на АСЈО, ќе продолжи со Приемниот испит, за што благовремено ќе ги извести кандидатите – вели Пандилов.

Силјановска Давкова во приговорот наведува дека според член 8-а од Изборниот законик од денот на рапишување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. Во образложението таа навела дека АСЈО во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет на 29 март 2024 година го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест. Според Сијлановска Давкова тоа што тестовите се полагаат укажува дека АСЈО засновала работен однос со кандидатите и со тоа ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик.

Од Академијата за судии и обвинители минатиот месец подетаљно ја објаснија состојбата со деветата генерација слушатели на почетна обука. Наведоа дека посташуваат според мислењето на ДКСК од 2017 година, затоа што по измените на Законот за ДКСК од 2019 година Антокорупциската повеќе не дава мислења за начинот на постапување во изборниот период.

„Во 2017 година во постапката за прием на шестата генерација на почетна обука, Академијата беше во слична ситуација, а ДКСК испрати мислење дека не постои законска пречка да се реализира започнатата постапка за вработување на определено време на 37 слушатели на почетна обука, доколку за нив била обезбедена финансиска согласност за 2017 година и се работи за вработувања во случај на итни и неодложни работи. Во конкретниот случај се работи за слична ситуација, со таа разлика што сега, дури и при најстрого придржување до утврдената временска динамика не постои апсолутно никаква можност да се дојде до фазата на засновање на работен однос со слушателите во изборниот период“, соопшто тогаш АСЈО, според која, во конкретниот случај не станува збор за засновање на работен однос, туку за спроведување на фази од приемниот испит во рамките на почетната обука.

Академијата тогаш објасни дека со стекнување на статусот на слушател на почетната обука тој заснова работен однос на определено време со АСЈО до изборот за судија или јавен обвинител, но нема гаранција дека секој слушател ќе биде избран на функцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот