Антикорупционерката Цвета Ристовска фигурира како „професорка“ на Универзитетот за туризам во евалуација на студентите – таа тврди дека била само надворешен експерт
Антикорупционерката Цвета Ристовска, која што го реферираше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, во кој што оспорени беа двете дипломи за 180 и 240 кредити од Универзитетот „Скопје“ (поранешен Универзитет за туризам и менаџмент Скопје), во 2022 година фигурира како „професор по предметот ревизија на Економскиот факултет на Универзитетот“, во самоевалуацијата на студентите објавена на страницата на Универзитетот. На страница 53 од документот, Ристовска фигурира како еден од најдобро оценетите професори на Универзитетот, со резултат 4,92. Но, таа за „Слободен печат“ вели дека била само надворешен експерт од областа на ревизијата, а не професор и дека за своите предавања во амфитеатарот на Економскиот факултет не примала надоместок.
Препорачано
И други јавно достапни документи укажуваат дека таа имала соработка со Универзитетот, барем во минатото. Така, кога на 20 декември 2018 година Друштвото за едукација, консалтинг и други интелектуални услуги „Симпозион ДООЕЛ Скопје“ организирало интерактивна обука, како предавач во агендата ја навело Ристовска со следниот опис:
„М-р Цвета Ристовска, вработена во Државниот завод за ревизија како помошник на главниот државен ревизор. Има долгогодишно искуство во изработката на финансиските извештаи и завршната сметка, како и во областа на ревизијата на финансиските извештаи. Како стручњак од практиката, изведува настава по предметот Ревизија на Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје“.
Антикорупционерката Ристовска во телефонски повик за „Слободен печат“ објасни дека никогаш не примила пари од Универзитетот, туку како експертка од областа на ревизијата предавала во амфитеатарот повремено, а Бојан Христовски не ѝ бил студент, ниту пак имала свои студенти ниту напредувала во звања.
Рече дека во работата за конкретниот предмет за првиот човек на АНБ, Просветниот инспекторат бил тој што го проверувал неговото образование, а не таа. „Слободен печат“ дознава дека инспекторката од Просветниот инспекторат што го извршила надзорот за дипломите на Бојан Христовски и констатирала дека нема неправилности за образованието, е инспекторката Соња Зашовска, која на страницата на Општина Гази Баба фигурира како советничка во општината од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Се обидовме да исконтактираме со Зашовска но таа не одговори на нашите повици.
-Единствено можам да ви кажам, дека повремено бев ангажирана како практичар од областа на ревизијата, ниту сум била дел од наставен кадар, ниту е точно тоа што одеше вчера во медиумите. Сите мои трансакциски сметки се отворени, не ми плаќале. Сум предавала ревизија и преку приватни образовни куќи, сето тоа со изим на главниот државен ревизор, со потврда. Сум предавала и во Академија на судии и јавни обвинители, се во својство на државен ревизор, рече Ристовска за „Слободен печат“.
Според неофицијални сознанија на „Слободен печат“ Христовски бил вонреден студент на Универзитетот, поради тоа што имал работно место во МВР.
Државната комисија за спречување корупција неделава го затвори и го архивираше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, во кој еден од основите што беа спорени – беше дипломата добиена од Економскиот факултет при Универзитетот „Скопје“ за дипломиран економист.
Дипломата е од 2023 година а за неа антикорупциска констатираше дека нема неправилности во нејзиното издавање, односно дека Христовски уредно завршил економски факултет. Контроверзи во јавноста се појавија откако „Телма“ објави дека антикорупционерката Ристовска била работно ангажирана на Универзитетот од каде Христовски добил диплома, а предметот беше распределен кај неа на работа.
Антикорупциска комисија демантираше дека Ристовска има две функции во јавниот живот.
Членот Цвета Ристовска нема никакви деловни односи со „Универзитетот Скопје“ како би дошло до судир на интереси со нејзиното постапување во конкретниот предмет, од причина што Универзитетот Скопје не е предмет на постапување пред ДКСК. Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор на Универзитетот Скопје, заради проверка на наводите во пријавата на директорот на АНБ Бојан Христовски. По извршениот надзор беше констатирано дека неговата диплома е во ред. За каков потенцијален судир на интереси зборувате, во услови кога надзорот е извршен од друг орган? Зарем сакате да шпекулирате дека инспекторатот е пристрасен?, пишува во демантот од Антикорупциска комисија испратен вчера.
Согласно член 1 од Законот за спречување корупција и судир на интереси, за состојба во која има судир на интереси, се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае на непристрасното вршење на неговите јавни овластувања. По прилозите во медиумите Универзитетот за туризам и менаџмент ја избриша Цвета Ристовска од наставниот кадар на интернет страницата, но денеска ја врати со ажурирана фотографија.

СДСМ денеска на прес-конференција побара Антикорупциска пак да одлучува за предметот на Бојан Христовски.
Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост. Во Етичкиот кодекс на Антикорупциската комисија е наведено дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети кои се поврзани со судир на интереси. Едноставно, е неприфатливо вакви нерегуларности да бидат премолчени или оправдани. СДСМ бара итно повлекување и преиспитување на одлуката од страна на ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ и расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК. Бараме преиспитување на анализата направена од просветниот инспекторат, рече портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Доколку службено лице кај кое е распределен премет, во кој меѓу другото се разгледува дипломата издадена од универзитет каде што службеното лице е дел од наставниот кадар односно има приватен интерес што може да влијае на непристарсното однесување, исполнети се условите за изземање од расправата или одлучувањето, согласно член 73 од Законот за спречување корупција и судир на интереси. Но, во евалуацијата на Универзитетот од 2024 година, Ристовска не фигурира. Нејзиното име се појавува во повеќе постари евалуации кои може да се видат овде и овде.


