Александар Андов/фото: ФФМ

Андов: Почнуваме ново поглавје во женската фудбалска репрезентација

Македонската женска фудбалска сениорска репрезентација ги почна подготовките за првите натпревари од новиот квалификациски циклус. Овој пат нашата селекција е дел од Ц лигата во квалификациите за пласман на Светскиот шампионат.

Со почетокот на овој циклус се отвора и ново поглавје во историјата на националниот тим бидејќи во составот предводен од Александар Андов доминираат фудбалерки кои беа дел до младинските репрезентации кои изминатиов период постигнуваа извонредни резултати.

– Почеток на нов циклус натпревари, но и ново поглавје во македонската женска фудбалска репрезентација. Овој тим е составен од фудбалерки кои беа дел од селекциите до 17 и 19 години, а тука се и фудбалерки кои и претходно беа во составот на сениорската репрезентација. Во репрезентацијата доминираат фудбалерки од домашниот шампионат. Правиме нов концепт, создаваме нов тим, кој подолг период ќе игра заедно. Во овој циклус на квалификации имаме идеална група да се види до каде сме, но и покрај фактот што екипата е целосно подмладена и во екипата имаме фудбалерки кои за прв пат ќе бидат дел од А репрезентацијата, јас сум оптимист и верувам дека можеме да бидеме подобри од Азербејџан и Андора – изјави селекторот Андов.

Македонија има статус на фаворит во дуелите против Азербејџан и Андора и реално е да се очекува дека на стартот може да се забележат две победи.

– Нашите планови се да освоиме шест бода во овие два натпревари. Во двата дуели ќе одиме на победа и ако ја исполниме целта ќе се најдеме на нивото кое сакавме да го постигнеме во претходните два циклуси. Во првиот за малку не успеавме да се пласираме во баражот, а сега очекувам да го направиме тој решавачки исчекор. Ова е тим кој ќе биде заедно во следните десетина години што значи дека имаме потенцијал да бележиме постојан напредок – истакна Андонов.

Третиот противник во оваа конкуренција е Унгарија, која е најквалитетна селекција во групата, но нашите фудбалерки сигурно нема предвреме да истакнат бело знаме и ќе се обидат да направат изненадување.

– Унгарија е главен фаворит за освојување на првото место во групата. Сепак сметам дека и со оваа селекција можеме да бидеме рамноправни особено ако го земеме в предвид контролниот натпревар со селекцијата на Русија кога покажавме дека можеме играме и со селекции кои вбројуваат меѓу поквалитетните на Стариот континент. Со добра подготовка и максимална концентрација на теренот верувам дека и на тие натпревари можеме да бидеме рамноправен противник – заврши селекторот на женската фудбалска репрезентација на Македонија.

Во првиот настап нашите најдобри фудбалерки на 3 март во Баку се среќаваат со Азербејџан, а четири дена подоцна во Битола ја пречекуваме селекцијата на Андора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот