Аналитичари: Лидерска за да се договори националната стратегија за надворешната политика

Благојче Атанасовски / Селим Ибраими (ФОТО СП)
Благојче Атанасовски / Селим Ибраими (ФОТО СП)

Средбите на лидерите на политичките партии треба да бидат нормални и чести, но истите да се корисни и во интерес на граѓаните и државата, сметат политичките анилитичари, коментирајќи го ултиматумот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и најавената блокада по секоја цена на работата на Собранието. Според нив, лидерските средби треба да служаат за да се градат национални стратегии, особено наведуват, за надворешната политика.

– Не гледам зошто би била неостварлива, бидејќи во нормална, повеќепартиска либерална демократија, напротив, сосема е нужно и потребно да има соработка помеѓу сите релевантни политички фактори во државата, особено за витални национални прашања. Сепак „институтот“, лидерски средби, кои во Македонија се практикуваат (не) формално ја суспендира парламентарната демократија и ја концентрира моќта во рацете на султан – лидерите. Најчесто овие средби се одржуваа за излез од создадена политичка криза, за да се договори термин за предвремени избори, што значи е сосема погрешна намената и целта на истите во Македонија. Тие лидерски средби треба да бидат нормална и честа појава, кога на нив политичките противници ќе ја договараат националната стратегија, особено за надворешната политика: пробив во евроинтеграциите, утврдување на национални и државни ставови по однос на прашањата со Бугарија и слично, изјави за „Слободен печат“ политикологот Благојче Атанасоски.

За жал, додава тој, кај нас тоа не е случај, и како и се друго е типично балканско мачоисточко „водење на политика“, со кое се поставуваат услови, со закани, лични навреди и омаловажувања со речник кој не доликува ни на најнеписмениот и највулгарниот човек, a не пак на лидери кои претендираат да станат премиери или се веќе највисоки функционери.

И Селим Ибраими од Институтот за безбедносни студии и развој – „ИССД-Македонија“ политичкиот дијалог го гледа како алатка за развој на демократските вредности во државата.

– Не е лошо да има политички дијалог меѓу политичките партии од мнозиството и опозицијата. Мислам дека е потребна една средба помеѓу Ковачевски, Мицкоски, Ахмети и Касами за да ја разгледаат можноста за предвремени парламентарни избори на што инсистира опозициската ВМРО-ДПМНЕ и да се разгледаат аргументите на мнозиството зошто не се потребни предвремени избори. На средбата треба да се разговара и околу спорот со Бугарија и евроатланската преспектива на земјата. Без внатрешна кохезија нема да имаме никогаш одржливи договори, изјави Ибраими за „Слободен печат“.

Тој нагласува дека во случај да има предвремени парламентарни избори политичките актери во државата треба да внимават за надворешните влијанија.

– Лидерите на политичките партии на Македонците и Албанците треба да се сретнат, тоа е дел од политичкиот дијалог и култура, а не да се сретнат како што се сретнаа Зоран Заев и Христијан Мицкоси, само кога се одлагаше Пописот. Сега мислам дека наште лидери го поминале политичкиот пубертет и се позрели, нагласи Ибраими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот