Ана Костовска ѝ е голема поддршка на Гордана Деан Поп-Христова, која тагува по Кили во Еквадор
Ана Костовска ѝ е голема поддршка на Гордана Деан Поп-Христова, сопругата на Кирил Поп-Христов – Кили, кој почина на 11 март во Еквадор.
Препорачано
Познатата пејачка и актерка ја сподели емотивната објава на кореографката, која многу жали по својот сопруг.
„Ништо веќе не е исто, сѐ е сменето за Јоана и мене тука во Еквадор, куќата е празна, мрачно… само е дрвото останато исто, живо, големо, зелено“, напиша Гордана Деан Поп – Христова во објавата што ја сподели Ана Костовска.

Таа на многу емотивен и уникатен начин покажа колку жали по нејзиниот другар и колега Кили, со кој често заедно настапуваше.
Костовска ја смени профилната слика со фотографија од Кили на неговиот велосипед, сликана во населбата каде што живееше. Сликата остана неколку дена како профилна кај Ана.
Костовска, брзо по смртта на пријателот, објави кусо видео од Кили како свири на клавијатури во домашна атмосфера, еден од нивните заеднички креативни моменти што ги поврзуваа.
„Драга Ана, искрено сочувство за твојот сакан другар! Останува во нашите мисли како свој, автентичен и многу шармантен! Вечнаја памјат!“, стои во еден коментар под видеото.
Костовска беше главен вокал на култната група од осумдесеттите „Бастион“, а во текот на кариерата соработувала со Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Драгиша Солдатовиќ – Лабиш и други.
На 23 март почина уште еден нејзин важен човек, легендарниот македонски бас-гитарист Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар, еден од клучните членови на култната македонска њу вејв/рок група „Бастион“, која остави длабока трага во домашната музичка историја.
Таа сподели слика од Кучкар, од првиот концерт на групата „Бастион“ во октомври 1983 година, и во коментар напиша: „За Кучкар, за Љупчо Стојановиќ… ама 1983, добро да сум знаела да пишувам… рајски дворови да ти се отворат, душо добра, музикална… чувајте добри места“.


