Американски волонтер во Мировен корпус едвај чека да се врати во Македонија: Ми недостасува виното, ракијата, пастрмајлијата, храната, пицата…

Фото: mia.mk

Ноа Конгдон од Калифорнија има 24 години и едвај чека да мине пандемијата на ковид-19 за да го продолжи своето волонтерство во земјава во рамки на Мировниот корпус. По шест месеци престој на македонска почва, тој мораше да замине во март поради ковид-19, а сега се надева дека ќе се врати многу наскоро.

Околу три месеци престојувал во Неготино и уште толку во Скопје. Му недостасува неговата волонтерска работа и се надева дека ќе се врати да го доврши тоа што го правел.

– Ми недостасува заедницата, чувството да се биде во вашата држава, особено во помалите градови како Неготино. Дури и во поголемите градови како Скопје се има чувство дека сите како заедница прославуваат на ист начин и прават исти работи заедно. Ми недостасува планинарењето, кога се чинеше дека цел град се собра заедно за да планинари, со многу гости кои ги сакаат природата и планинарењето, вели тој за МИА.

Тој посочува дека секогаш е забавно да се истражува, да се запознаваат нови луѓе, да учат нови места.

– Ми недостасува виното оттаму, ракијата од Неготино, ми недостасува и пиперката, многу зачинета, многу добра. Пастрмајлијата, храната, пицата е многу добра кај вас. Не го очекував тоа државата да има толку голема сцена за пицата. Но, има смисла. Блиску е до Италија. Интересно беше да се види тоа во државата, добро беше. Ми недостасува и пивото, храна од кафеана, целата култура поврзана со кафеана, се враќам за тоа, нагласува тој.

Конгдон истакнува дека му недостасува духот на заедницата во македонската држава, славењето на сите празници што успеал да ги доживее за време на престојот тука, Нова година во центарот на Скопје, планинарењето.

– Не успеав да одам во Охрид, па тоа ми е една од целите, кога евентуално ќе се вратам. Се надевам летоска или на есен најдоцна, но никогаш не се знае со ковид-19. Се надевам дека сите сте безбедни и се гледаме дотогаш, вели младото момче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот