Америка со месеци тајно преговарала со клучниот сојузник на Мадуро
Американските претставници разговарале со венецуелскиот министер за внатрешни работи Диосдадо Кабељо со месеци пред операцијата во која беше уапсен претседателот Николас Мадуро, а комуникацијата продолжила и потоа, соопштија повеќе извори запознаени со ова прашање, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Според извори, претставници на администрацијата на Трамп го предупредиле Кабељо да не ги користи безбедносните служби и милитантните поддржувачи на владејачката партија под негова контрола за да се справи со опозицијата. Безбедносниот апарат, кој ги вклучува разузнавачките служби, полицијата и војската, остана во голема мера недопрен од инвазијата на САД на 3 јануари.
Кабељо, кој е под исто обвинение за трговија со дрога од САД како и Мадуро, не беше уапсен за време на операцијата. Комуникацијата со него, која исто така се однесуваше на санкциите на САД и обвинението, започна во раните денови на администрацијата на Трамп, се интензивираше во неделите пред соборувањето на Мадуро и продолжи по неговото отстранување од власт.
Овие претходно неоткриени разговори се сметаат за клучни за напорите на САД да ја контролираат ситуацијата во Венецуела. Според изворите, доколку Кабељо ги активира силите под негова контрола, тоа би можело да предизвика хаос што Вашингтон сака да го избегне и да го загрози владеењето на привремениот претседател Делси Родригез.
Не е познато дали разговорите вклучувале прашања за идното управување со Венецуела, ниту дали Кабељо дејствувал според предупредувањата на САД. Тој јавно ја изрази својата лојалност кон Родригез, кого Трамп досега само го пофалил.
Додека САД го сметаат Родригез за клучна фигура за транзицијата по Мадуро, Кабељо во дипломатските кругови се смета за некој што може или да обезбеди стабилност или сериозно да ги наруши плановите на САД.
Кабељо со години се смета за втора најмоќна личност во Венецуела. Близок соработник на поранешниот претседател Уго Чавез, подоцна стана еден од најлојалните сојузници на Мадуро и клучна фигура во репресивниот апарат на владата.
Како поранешен воен офицер, тој имал силно влијание врз војската и контраразузнавачките служби и бил поврзан со провладини паравоени групи, таканаречените „колективос“, кои биле користени за напад врз демонстрантите.
Иако Вашингтон го смета Кабељо за еден од привремените столбови на стабилноста за време на транзицискиот период, американските претставници стравуваат дека тој би можел да игра дестабилизирачка улога, поради неговото минато и соперништвото со Родригез.
Кабељо со години е под санкции на САД поради наводна вмешаност во трговија со дрога. Во 2020 година, САД понудија награда од 10 милиони долари за информации што ќе доведат до негово апсење, која подоцна беше зголемена на 25 милиони долари. Кабељо постојано негираше каква било поврзаност со нарко-картелите.
По соборувањето на Мадуро, во Вашингтон се појавија прашања зошто Кабељо не беше уапсен со него. Републиканската конгресменка Марија Елвира Салазар изјави дека Кабељо е „веројатно полош од Мадуро“.
Иако Кабељо оттогаш остро ја осуди интервенцијата на САД, извештаите за рации и контроли на населението во Венецуела станаа поретки во последните денови. И американската и венецуелската страна објавија дека некои од притворените, кои опозицијата и организациите за човекови права ги сметаат за политички затвореници, ќе бидат ослободени.
Венецуелската влада вели дека Кабељо, како министер за внатрешни работи, го надгледува процесот, додека групите за човекови права предупредуваат дека ослободувањата се одвиваат многу бавно и дека стотици луѓе сè уште се нелегално притворени.


