Трамп има нова комбинација за мировните преговори меѓу Русија и Украина – кој сè би бил дел од разговорите?
Америка понудила можен нов формат за мировни разговори меѓу Украина и Русија, во кој би учествувале американски, а можно и европски пратеници, изјави во саботата украинскиот претседател Володимир Зеленски, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Киев ќе одлучи за форматот откако ќе стане јасно дали билатералните разговори со американските преговарачи, кои продолжија во петокот, даваат позитивни резултати, рече Зеленски, додавајќи дека планира ова прашање да го разгледа со шефот на украинската делегација, Рустем Умеров.
Обраќајќи им се на новинарите во Киев, Зеленски не навлезе во детали за тоа каков формат предложила администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
„САД рекоа дека ќе имаат посебен состанок со претставниците на Русија. И го предложија следниов формат, колку што јас разбирам: Украина, Америка, Русија и, бидејќи таму има претставници на Европа, веројатно и Европа,“ изјави Зеленски.
Американските преговарачи во саботата требаше да се сретнат со руски официјални претставници во Флорида.
Украина и Русија немаат преговарано лице в лице од јули, но американската дипломатија на посредување, со цел ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина, значително се засили во последните недели.
Украинските и европските претставници во петокот одржаа рунда разговори со американските партнери во САД и се согласија наскоро да ги продолжат контактите.


