Амбасадорката Бошковска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка

 Во позитивна и пријатна клима, во претседателската палата во Атина, новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска денеска ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, церемонијата започна со интонирање на грчката химна, по што амбасадорката ги предаде акредитивните писма и по куса аудиенција на крај беше интонирана македонската химна.

За време на аудиенцијата, која поминала во срдечна клима, Сакеларопулу и Бошковска, според информациите на МИА, разговарале за билатералните односи, за соработката, економијата, пандемијата, но и за туризмот.

Заедно со Бошковска, акредитивите денеска ги предадоа и амбасадорите во Атина на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија, а на церемонијата во претседателската палата присуствуваа и заменик министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис и генералниот секретар на претседателката Василиос Пападопулос.

Бошковска е првата амбасадорка на Северна Македонија во Грција, по подигнувањето на дипломатските односи меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа, со што Канцеларијата за врски во Атина прерасна во Амбасада.

Воедно таа е и првата жена амбасадор на Северна Македонија што акредитивните ѝ ги предаде на првата жена претседателка на Грција.

Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади.

Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот