Амар или Орце?
Во оваа трка Орце Ѓорѓиевски е инженерот на системот, а Амар Мециновиќ – неговиот критичар. Првиот го претставува стариот поредок на политичка дисциплина, вториот ја носи непредвидливоста на новото време.
Скопје повторно ќе избира, но овој пат изборот не е само меѓу двајца кандидати, туку меѓу два концепта на град, на вредности, на иднина. Во вториот круг ќе се судрат Амар Мециновиќ од Левица и Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ – двајца мажи што ја претставуваат спротивставената енергија на современа Македонија.
Препорачано
Едниот зборува за промена, другиот за стабилност. Но во оваа приказна нема ништо просто: зад бројките се кријат цели општествени пластови, стравови, надежи и навики на гласачите.
Орце Ѓорѓиевски влегува во вториот круг како фаворит. Освои 39,43 проценти од гласовите, повеќе од трипати повеќе од Мециновиќ, кој има 13,20 проценти. Тоа е почетна предност што не се надоместува лесно, но не е и непобедлива. Скопје знае да изненади. Некогаш тоа го правело со апатија, некогаш со бунт. Сега, во оваа политичка клима, прашањето не е само кој ќе ги добие гласовите од останатите политички партии што веќе се исфрлени од рингот, туку кој ќе успее да ги задржи старите гласови освоени во првиот круг.
Гласачите на СДСМ, чија кандидатка Каја Шукова освои 11,50 проценти, се првата и најголема непозната. Дел од нив, особено оние што со години се згрозени од груевизмот и од неговите сенки, тешко дека ќе му дадат глас на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Но истовремено, Левица не им е близок избор. Идеолошки, за многу од нив, Левица е парадокс: антизападна, често националистичка и со остар, дури груб тон кон истите тие вредности на демократија што СДСМ ги проповеда. Затоа, значителен дел од тие гласачи можеби ќе останат дома.
Вториот слој гласачи се оние на коалицијата Вреди, која со Башким Бакиу освои речиси 12 проценти. Овие гласови ќе бидат клучни, бидејќи Вреди, како политичка групација, има капацитет да мобилизира, особено во Чаир, Бутел и во дел од Гази Баба. Тука ќе се решава битката. Ако Вреди формално или неформално му даде поддршка на Мециновиќ, тоа би можело да донесе пресврт, барем во симболичка смисла – да ја направи трката неизвесна. Но ако тие гласови се поделат, или ако поголем дел отиде кон Орце, тогаш исходот е практично запишан.
Интересен е и случајот на независниот Горан Марковски, кој собра 3,30 проценти. Тој глас на „граѓанската“ опција, често мотивиран од разочараност од двете големи страни, може да се прелее во различни насоки. Некои од тие гласачи ја гледаат Левица како антисистемски глас, други ќе се ориентираат кон Орце поради пореалистичниот пристап и ветувањата за конкретни проекти. Но и тие три проценти, колку и да изгледаат скромни, во вториот круг можат да имаат тежина – особено ако излезноста биде пониска.
Мециновиќ, пак, има предност во нешто што не се гледа на табелите – во младоста на неговите поддржувачи, во ентузијазмот на новата генерација која не е преморена од големите партии. Тие гласачи не се многубројни колку „традиционалните“, но се гласни, активни и присутни на социјалните мрежи, што создава впечаток на подем. Ако Левица успее да ја претвори таа дигитална поддршка во физичко гласање, вториот круг може да биде понеочекуван од првиот. Проблемот е што Скопје не се освојува со револт, туку со организација, а ВМРО-ДПМНЕ ја има во изобилство.
Орце Ѓорѓиевски има една стабилна база што ретко се менува. Тие гласачи не се двоумат, не размислуваат долго, не анализираат идеологии. Тие гласаат со инерција, со уверување дека ВМРО значи ред, дисциплина и сила. Тоа се гласачи што сакаат градоначалник што „работи“, а не што „филозофира“. Мециновиќ, пак, зборува со јазик што допира до интелектуалците, уметниците, младите и до разочараните. Но нивниот број, за жал, никогаш не бил доволен за да се направи мнозинство.
Политички гледано, вториот круг ќе биде тест и за самата Левица. Ако успеат да ја зголемат поддршката и да ја надминат границата од 25 проценти, тоа ќе биде историски успех за партија што до пред неколку години беше третирана како маргинална. Но ако паднат под 20, ќе се покаже дека Скопје, иако често гласно во своето незадоволство, сепак не е подготвено за радикален пресврт.
Орце Ѓорѓиевски, без сомнение, тргнува во вториот круг со позиција на човек што само треба да го задржи резултатот. Неговата задача е да не направи грешка – да не изгледа арогантно, да не делува како да веќе победил. Во политиката, ништо не е посигурен пат до пораз од прераната самоувереност. Мециновиќ, пак, ќе мора да игра на сите полиња: да ги убеди апатичните, да ги мотивира младите и да покаже дека е кандидат кој знае да управува, не само да критикува.
Во оваа трка, Ѓорѓиевски е инженерот на системот, а Мециновиќ – неговиот критичар. Првиот го претставува стариот поредок на политичка дисциплина, вториот ја носи непредвидливоста на новото време.


