Фото: rkeurofarmpelister.com

Алушовски: Да го контролираме темпото на ПСЖ кое го наметнуваат при транзиција

Актуелниот првак на Македонија, Еурофарм Пелистер е во исчекување на последниот домашен меч во ракометниот Лигата на шампионите оваа сезона. Натпреварот е в среда, 4 март, со почеток од 20.45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Ќе гостува францускиот гигант ПСЖ, што ќе биде одлична подготовка и увертира за домашните предизвици.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Стевче Алушовски го најави следниот дуел, за кој кажа дека ќе се игра исто како и сите други и покрај загубените шанси за следна рунда во елитата:

– Се подготвуваме како и за секој натпревар, ни гостува гигантот ПСЖ кој оваа година во првата полусезона не играше според очекувањата. Се работи за тим составен од голем број француски репрезентативци и интернационалци кои се едни од најдобрите на своите позиции, така што ни следи тежок меч, со многу трчање, доколку успееме да го контролираме нивното темпо кое го наметнуваат при транзиција, имаме добри шанси да бидеме во добро светло. Со наша добра игра и карактер, да извојуваме добар резултат. Последен меч за нас дома, ПСЖ не доаѓа секој ден во Битола, па се надевам на голема поддршка и ги повикувам сите љубители на ракометот, заедно да направиме еден добар и историски резултат за нас.

Секако дека во онаа видео-анализа која спремавме пред мечот, го земаме и првиот меч што беше добро, а што лошо. Ние шансите за пласман ги загубивме, но сите овие силни натпревари против ПСЖ и Барселона ќе ни послужат и се добредојдени за екипата од ден во ден да расте. Кажав дека краток период сме заедно и секој еден ваков меч е додадена вредност во однос на тоа што значи како ќе се поставиме во играта во одбрана и во напад. Двата исклучително тешки мечеви со ПСЖ и Барселона ќе ги користиме за подготовка со Вардар. Нашиот фокус е кон домашното првенство, но тоа не значи дека во ЛШ нема да играме на нашиот максимум – вели Алушовски.

Своите очекувања за овој меч ги сподели и ракометарот на битолската екипа, Петар Атанасијевиќ:

– Ова за нас е последен домашен меч за нас во Лигата на шампионите. Ќе дадеме сè од себе и ја повикувам публиката во што е можно поголем број да ужива во натпреварот. Добро се чувствуваме сите, немаме повредени играчи, сите сме во добра хемија и се надевам тоа ќе го префрлиме на терен. Ни следи тежок и напорен меч, но ние ќе играме до крајот – се зборовите на Атанасијевиќ.

Денис Болиќ и Кристоф Хурич од Австрија ќе ја делат правдата на натпреварот во Битола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот