Албанската опозиција бара одговор од власта дали Љупчо Палевски е вмешан во организацијата на случајот „Монструм“

Осомничениот Љупчо Палевски - Палчо со убиените Вања и Панче / Фото Колаж на СП / Социјални мрежи

Европскиот сојуз за промени денеска побара од власта одговор дали Љупчо Палевски, осомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, е вмешан во случајот „Монструм“, кој се однесува на убиствата кај Смилковското Езеро.

– Неодамнешните трагични случувања со убиството на 14-годишното девојче и 74-годишниот велешанец отвораат дополнителни сомнежи за делата што главниот осомничен за организацијата на делото, Љупчо Палевски, познат по прекарот Палчо, беше вклучен и во другите монтирани случаи. Кога министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека главниот осомничен кој го изврши убиството на Вања, како и неговите соработници, работеле за моќни антизападни центри, тогаш логично е да се сомневаме дека истите организатори на убиството на Вања се вмешани и во организацијата на случајот „Монструм” каде на грозоморен начин беа убиени пет млади момчиња. И сето тоа, во пресрет на верските празници, со цел преку меѓуетнички тензии да предизвикаат дестабилизација на општеството. Затоа, Европскиот сојуз за промени бара од Министерството за внатрешни работи и од правосудните истражни органи да излезат и јавно да ја информираат јавноста каде бил Љупчо Палевски – Палчо на 24 април 2012 година, денот кога се случи монтираниот случај „Монструм“? – прашуваат партиите од Европскиот сојуз за промени.

Од друга страна, додаваат, бараат МВР и Министерството за правда да не ја заморуваат јавноста со изјави во кои се објаснуваат постапките за екстрадиција, туку да го истражат и конкретно да го наведат денот кога ќе биде екстрадиран од Турција главниот осомничен за организирање на убиството на Вања и Панче.

Во коалицијата Европски сојуз за промени се партиите од албанската опозиција Демократско движење, Беса и Алтернатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот