Алармантно влошенo здравјето на Боки 13, правниот тим вели дека е предмет на нечовечно однесување

Констатирано е алармантно влошување на здравствената состојба на Бојан Јовановски – Боки 13. Предложен е оперативен третамн тотална гастректомија со езофаго-јејуно анастомоза, односно целосно отстранување на витален орган желудник, бидејќи врз пациентот терапевтскиот третман не е спроведуван, ниту реализиран, односно со ова медицинско иследување и наод се потврдува фактот дека осудениот Бојан Јовановски нема услови и можност да се лекува и да се третира во пенални затворски услови, информира правниот тим на Боки 13.

На Универзитетска клиника за гастрохепатологија вчера му била направена Горнодигестивна ендоскопија, Гастроскопија а наодот е рефериран и одобрен од стучниот колегиум на Клиниката.

Правниот тим на Јовановски посочува дека животот му е ставен во ризик бидејќи извесно е во секој момент да настане компликација која ќе биде фатална по неговиот живот.

Па наместо законита постапка имаме состојба на хазардерско постапување од страна на надлежните органи, а како влог е ставен животот на осудениот Бојан Јовановски! Оттука, потенцираме дека Основниот кривичен суд Скопје веќе цели четири месеци нема донесено правосилна одлука по барањето за прекин, постапка која по својот карактер и итна, а истовремено судот не презема никакви дејствија и не одлучува по жалбената постапка ниту во разумен рок, иако до судот навремено се доставени сите овие медицински докази и од страна на одбраната се преземени сите расположливи средства предвидени со закон, но за жал, негативната тенденција и тортура кон осудениот Боја Јовановски е поголема од сите реални факти и законски основи за уважување на барањето за прекин на издржување на казна затвор. Воедно ја информираме јавноста дека на ден 01.02.2023 година поднесено е барање за прекин и до директорот на Управата за извршување на санкциите, кој е суверен во својата одлука и не е врзан со одлуката на судот, но и од овој орган нема се уште одлука!, се вели во соопштението.

Потенцираат дека агонијата на Јовановски трае повеќе од седум месеци и велат дека е предмет на нечовечно однесување, истиот се третира како експериментален предмет, а не како човек.

Врз осудениот Бојан Јовановски веќе несомнено се спроведува тортура од највисок степен и му се нарушуваат сите загарантирани човекови права согласно Устав и согласно Европската конвеција за заштита на човекови права, додаваат од правниот тим.

Според нив, ваквото институционално постапување и директно изживување од позиција на моќ е незапаметено во поновата историја. Велат дека и покрај предвремените предупредувања и барања за прекин дека доколку Боки 13 не се лекува и третира согласно специјалистичките извештаи и конзилијарните мислења на десетици специјалисти и суб-специјалисти, ќе дојде до крајна и непосакувана последица – операција со висок ризик на смртност и настанување на траен инвалидитет.

После сето ова веруваме, но не сме убедени, дека за Бојан Јовановски еднакво важи загарантираното Уставно начело на неповредливост на физичкиот и психичкиот интегритет, како и за сите други граѓани во Р.С.Македонија. Оттука, јавно прашуваме на кого му одговара да настанат смртоносни последици по животот на осудениот Бојан Јовановски? Дали системот свесно, организирано и координирано, секојдневно и стихијно го убива Бојан Јовановски? Кој ќе понесе одговорност за веќе настанатите последици по здравјето и животот на Бојан Јовановски?, се наведува во соопштението.

Апелираат дека не се откажуваат од намерата за правдата да добие светлост на денот и оти не се плашат од директните и индиректните закани, бидејќи како што велат, бранејќи ја правдата на Боки 13 ја бранат законитоста, а потоа и правната стабилност која е сериозно разнишана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот