Џон Дејвидсон на доделувањето награфи БАФТА / Фото: Profimedia

Активистот со Туретов синдром се извини за расистичките коментари на БАФТА: „Длабоко сум засрамен“

Активистот за Туретов синдром Џон Дејвидсон, кој ненамерно извика расистичка навреда за време на доделувањето на филмските награди БАФТА во неделата вечер, се огласи со изјава по силните реакции во јавноста.

Дејвидсон, кај кого тиковите започнале на 12-годишна возраст, имаше повеќе вербални испади во првиот дел од церемонијата, меѓу кои и извикување вулгарна порака за време на воведното обраќање на претседателката на БАФТА, Сара Пут. Кога Мајкл Б. Џордан и Делрој Линдо излегоа на сцената за да ја доделат наградата за најдобри визуелни ефекти на „Аватар: оган и пепел“ (Avatar: Fire and Ash), од салата се слушна и расистичката навреда.

„Сакам да им се заблагодарам на БАФТА и на сите вклучени во синоќешната церемонија за поддршката, разбирањето и поканата да присуствувам на преносот.

Го ценев предупредувањето упатено до публиката пред почетокот на снимањето, во кое беше објаснето дека моите тикови се неволни и не ги одразуваат моите лични ставови. Аплаузот што следеше по тоа ме охрабри и направи да се почувствувам прифатено и разбрано во средина што за мене обично би била невозможна“, наведе Дејвидсон во соопштението.

Водителот Алан Каминг двапати ја прекина церемонијата за да ги адресира испадите – еднаш за да ѝ се заблагодари на публиката, меѓу која беа и принцот Вилијам и принцезата Кејт, за разбирањето, а вторпат за да се извини „доколку некој бил навреден“.

„Покрај објаснувањето дадено од Алан Каминг, Би-би-си и БАФТА, можам само да додадам дека сум, и секогаш сум бил, длабоко засрамен доколку некој ги сфатил моите неволни тикови како намерни или како носители на какво било значење“, додаде Дејвидсон.

Тој посочи дека филмот „Се колнам“ (I Swear) „повеќе од кој било филм или телевизиски документарец ги објаснува потеклото, состојбата, карактеристиките и манифестациите на Туретовиот синдром“.

„Целиот живот се обидувам да ја поддржам и зајакнам заедницата на луѓе со Туретов синдром и да поттикнам емпатија, љубезност и разбирање. Ќе продолжам да го правам тоа“, изјави тој, додавајќи дека одлучил предвреме да ја напушти салата бидејќи бил свесен за вознемиреноста што неговите тикови ја предизвикуваат.

Во „Се колнам“, ѕвездата на „Господарот на прстените: прстените на моќта“ (The Lord of the Rings: The Rings of Power), Роберт Арамајо, го толкува ликот на Дејвидсон во периодот кога му е дијагностициран синдромот. Арамајо освои награда за главна машка улога, надминувајќи актери како Леонардо Дикаприо и Итан Хок. Филмот, номиниран во пет категории, доби и награда за кастинг.

Сценографката на „Грешници“ (Sinners), Хана Бичлер, која исто така беше номинирана за БАФТА, подоцна објави на Икс дека инцидентот се случил трипати таа вечер и дека еден од испадите бил насочен кон неа по завршувањето на церемонијата. Таа истакна дека дополнително ја вознемирило „површното извинување“ со формулацијата „ако некој бил навреден“.

И покрај тоа што церемонијата во Обединетото Кралство беше емитувана со двочасовно задоцнување на Би-би-си 1, расистичката навреда не беше цензурирана. Неуредуваната верзија остана достапна на стриминг-платформата АјПлејер до пладне во понеделникот, кога беше повлечена. Навредата се слушна и во американскиот пренос на каналот Ентертејнтмент.

Би-би-си соопшти: „Некои гледачи можеби слушнале силен и навредлив јазик за време на доделувањето на БАФТА. Тоа произлезе од неволни вербални тикови поврзани со Туретов синдром и, како што беше објаснето за време на церемонијата, не беше намерно. Се извинуваме што тоа не беше уредено пред емитувањето и ќе биде отстрането од верзијата на АјПлејер“.

Хуманитарната организација „Туретс екшн“, со која соработува Дејвидсон, исто така реагираше. Извршната директорка Ема Мекнали изјави дека се „исклучително горди“ на Дејвидсон и на тимот на филмот, кој веќе придонел за зголемена свесност за Туретовиот синдром. Таа нагласи дека тиковите се неволни и „не се одраз на нечии убедувања, намери или карактер“, додавајќи дека негативните реакции во дел од медиумите се разочарувачки.

„Она што требаше да биде вечер на славење за Џон стана преоптоварувачко, па тој донесе тешка одлука да замине. Овој момент точно го отсликува она што ‘Се колнам’ го прикажува отворено – изолацијата, недоразбирањето и емоционалната тежина што често ја носи оваа состојба“, рече Мекнали, повикувајќи на едукација и сочувство како клуч за подобро разбирање.

БАФТА 2026 – „Една битка по друга“ освои најмногу признанија на британските филмски награди

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот