Ако не успее вакцинацијата, Македонија ја чека најлошата година со магарешка кашлица во последните децении

Скопје, 17 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Во земјава за само неколку месеци се појавија 22 случаи на магарешка кашлица или пертусис, што беше причина Комисијата за заразни болести да препорача прогласување епидемија во Скопје, затоа што таму се најголемиот број од случаите, вкупно 16. Едно бебе на возраст од само шест недели е хоспитализирано на Клиниката за детски болести, а има и четиригодишно дете хоспитализирано на Детската клиника со истата дијагноза, но и со хронична болест. Возрасните не се исклучок и тие исто така може да заболат и веќе има случај на 59-годишен пациент кај кого во Скопје со ПЦР метода била детектирана голема кашлица. Единствената заштита против оваа болест што се сметаше за искоренета е ДТПР вакцината, која е дел од задолжителната вакцинација во државата и се прима на два, четири, шест, осумнаесет месеци и на 7 години.

Но, податоците од Институтот за јавно здравје што ги доби ,,Слободен печат” покажуваат тренд на опаѓање на вакцинацијата против магарешка кашлица од 2016 година наваму и тоа за сите дози. Најлоша била состојбата со примањето на ревакцината за 18-месечните деца во 2020 година кога имаше пандемија со коронавирус. Тогаш само 66 проценти од децата во државата примиле вакцина против пертусис.

тука вакцина турковак
Фото: EPA-EFE/SEDAT SUNA

Доктор Лилјана Којиќ, специјалист педијатар од Клиниката за детски болести, за „Слободен печат“ вели дека во нејзината децениска кариера годинава за првпат во живо видела бебе кое има пертусис. Запрашана како изгледа заболувањето, таа вели дека во периодот кога бебето нема напади на кашлица, тоа може да изгледа сосема лесно болно, но дека следува напад на кашлица во кој почнуваат сите големи сомнежи.

– Мене ова ми е првпат во живо да видам пертусис, до сега од книга сме ја учеле болеста, благодарение на добриот и квалитетен процес на вакцинирање. Почнува кашлица која трае прилично долго и  додека трае тој напад бебето помодрува комплетно. Едвај доаѓа до воздух. Нападите доаѓаат па се смируваат, наизменично. Кога ќе се смири нападот бебето е комплетно исцрпено, но нападот на кашлица кој е долг, делува страшно измачувачки, опишува таа.

Доктор Којиќ истакнува дека најранливата категорија деца се оние кои не можат да се вакцинираат поради возраста. Вакцинацијата против пертусис, објаснува таа, е комплетна дури на шестмесечна возраст кај новороденчето, зашто вакцините се примаат на два, четири и шест месеци, а потоа има ревакцини.

– Многу е ризично за овие мали бебиња, бидејќи може да развијат компликации со пневмонија и да завршат на респиратор. Може да има и смртен исход за оние кои не се заштитени. Апсолутно е императив и многу е важно да се вакцинираат. Има пад во примањето на сите вакцини, алармантно е. Колективниот имунитет постои токму за да бидат заштитени најмалите деца кои поради возраста не може да се вакцинираат, како и хронично болните деца. Овде ни страдаат најмалите, кои уште не се на возраст на којашто може да се вакцинираат. Исто така, мора малку побудно да се трага по пертусис, без да се прави паника, додава доктор Којиќ.

Доктор Лилјана Којиќ, специјалист педијатар од Клиниката за детски болести / Фото: Приватна архива

Таа препорачува граѓаните да се тестираат при секоја поупорна кашлица која доаѓа во напади и која кај мали бебиња доведува до помодрување.

– Не треба да се плашат. Болеста се лекува успешно со антибиотик по кој детето веќе не е инфективно, вели докторката.

Вакциналниот опфат не е задоволителен 

 

Но трендот на опаѓање во вакцинирањето не е само за оваа, туку и за другите вакцини од Програмата за задолжителна имунизација на населението. Опфатот во 2022 година препорачан со оваа програма за сите вакцини бил под 90 проценти, а требало да биде над 95. Ова е преседан, затоа што во изминатите 20 години, сѐ до 2020 година, не е регистриран ваков низок опфат под 90 проценти.

Според резултатите од извештаите за спроведена задолжителна имунизација од Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици во 2022 година, како и според препораките на СЗО и други меѓународни компетентни институции, се наметнува неопходна потреба од преземање на сериозни мерки во однос на задолжителната вакцинација со цел зголемување на опфатот во целата држава.

Др. Злате Мехмедовиќ/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Портпаролот на Комисијата за заразни болести доктор Злате Мехмедовиќ вели дека само вакцинација од 95 проценти е гаранција дека болестите нема да ги нападнат децата во облик на епидемии.

– Досега не ни е пријавено дека некоја вакцина недостасува. Сите ги има и се достапни. Препорака на Комисијата за заразни болести е да се прочешлаат вакциналните картони на децата и да се повикаат на вакцинација ако имаат пропуштена доза, вели доктор Мехмедовиќ.

За него придобивката од вакцинацијата е очигледна.

– Во најлошата сезона сме имале над 30 случаи на магарешка кашлица, а сега во февруари има 15. Ако продолжи овој тренд ние до крајот на годинава ќе ја имаме најлошата сезона со пертусис што сме ја имале во изминатите неколку децении. Тоа го направи антивакциналното движење кое придонесе во пракса да гледаме што се случува кога не се примаат вакцините. Имаше многу малку случаи на пертусис, но на интернет се објавени видео материјали како изгледа клиничка слика на дете коешто има пертусис. Има континуирано кашлање кое што е силно и со текот на времето доаѓа до затајување, односно губење на здивот или таканаречена „апнеична криза“ во којашто детето не дише и практично тоа е периодот на агонија кога мајката се моли детето да земе воздух и е навистина слика која многу тешко излегува од глава дури и кога ќе се погледне на видео, а камоли во живо, вели докторот.

Кога станува збор за малите сипаници (морбили), во моментот нема ниту еден пријавен случај со оваа сипаница. Но, Мехмедовиќ е дециден – има луѓе во државата на кои не им е јасно значењето на колективниот имунитет и зошто е потребно баш 95-процентен вакцинален опфат.

– Последниот процент на вакцинација што го имавме беше 70 проценти за прва доза и 82 проценти за втора доза МРП вакцина која штити од морбили. Тоа не е доволно. Потребни се 95 проценти за да ги заштитиме оние кои уште поради некаква причина како што е возраста, не можат да бидат вакцинирани. И уште една многу важна работа, ако доволно долго опстоиме на тој процент, за одредени болести може да кажеме дека ќе ги искорениме како што го искоренивме „полио“ во 2002 година, вели Мехмедовиќ.

Министерството за здравство одвои 5,8 милиони евра за Програмата за имунизација

 

Секоја година Министерството за здравство изготвува посебна Програма за имунизација на годишно ниво, со која се определуваат парите наменети за набавка на вакцини за континуирана вакцинација, како и потребните резервни дози на вакцини и имуноглобулини по епидемиолошки индикации. Во Министерството за здравство посебен акцент во програмата ставиле на интензивирање на вакцинацијата со ДТПР, односно на детектирање на сите непотполно вакцинирани деца кои пропуштале дози за тие веднаш да се вакцинираат. За таа цел, согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, епидемиолозите на терен вршат епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на голема кашлица, вршат пребарување на нивните контакти и даваат препорака за нивна хемиопрофилакса, а на територијата на која е детектиран случајот се врши истражување на вакциналниот опфат и се интензивира вакциналната кампања.

– За оваа година, во Програмата се предвидени 358.000.000,00 денари, со можност за обезбедување дополнителни средства во текот на годината, согласно потребите. Во Програмата првпат се предвидени и средства за промоција на „Европската недела на имунизација“, вклучително одржување работни средби со тимовите од вакциналните пунктови и регионалните координатори за имунизација со цел зголемување на свесноста на здравствените работници за значењето на имунизацијата и безбедноста на вакцините и подготовка на промотивен материјал наменет за родителите. Големата кашлица е вакцино-превентабилно заболување, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Министерство за Здравство/ Фото Архива на Слободен печат

Оттаму додаваат дека со поддршка на партнерите континуирано вложуваат во кампањи за промоција на вакцинацијата, со цел едукација и подигнување на свесноста кај родителите во однос на важноста на навремената имунизација. Во изминатата година, со поддршка од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, двапати се спроведе кампањата „Од врата до врата“. Со овие две кампањи се вакцинирани повеќе од 5 илјади деца вакцинирани или закажани за термини вакцинација, посетени се повеќе од 7 илјади домови, каде е спроведена едукација, а повеќе од 13 илјади едукативни материјали се поделени за рутинска и ковид вакцинација.

– Секторот за примарна и превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, по препорака на Комисијата за заразни болести, по детектирањето на првите два случаи на голема кашлица во земјата, веднаш испрати писмено укажување до сите вакцинални пунктови кои спроведуваат задолжителна вакцинација во земјата да ги интензивираат пребарувањата на невакцинираните и непотполно вакцинираните лица, преку проверка на вакциналниот статус за ДТПР вакцинација и ревакцинација на сите прикрепени лица во нивните вакцинални пунктови. Лицата кои се невакцинирани или непотполно вакцинирани веднаш да ги повикаат и вакцинираат до комплетирање на нивниот вакцинален статус согласно Календарот за имунизација, објаснуваат од Министерството.

Скопје, 17 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во земјава секоја година се регистрираат мал број случаи на пертусис. Во 2023 година се регистрирани три случаи. Но годинава состојбата е далеку посериозна, особено ако се земе предвид дека во Хрватска, Србија, Данска, Чешка, Норвешка и Шпанија се регистрираат зголемен број случаи на пертусис. Од Министерството велат дека најважно е родителите да ги проверат вакциналните картони на своите деца и ако не ги вакцинирале да ги вакцинираат, зашто тоа е најдобрата заштита од оваа болест.

– Ако ја пропуштиле вакцинацијата на нивното дете, да го однесат веднаш за вакцинирање за да се спречи појава на болеста. Вакцинацијата против пертусис се спроведува со три дози (комбинирана, поливалентна вакцина), како примовакцинација на возраст од 2, 4 и 6 месеци и две ревакцинации, првата на возраст од 18 месеци и втора на возраст од 7 години односно во второ одделение, посочуваат од Министерството.

Ем не ги вакцинирале децата против морбили, ем ги тужеле градинките зашто одбиле да ги примат

 

Со прогласувањето на епидемија на територијата на Скопје се менуваат правилата и им се даваат повеќе ингеренции на институциите да наложуваат превентивни мерки. Свежо е сеќавањето од 2019 година, кога Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили и потоа децата коишто не се вакцинирани не можеа да посетуваат градинка додека не се имунизираат. На таков начин Министерството за здравство ќе се обиде да ја мотивира вакцинацијата и годинава, откако бројот на случаи со магарешка кашлица почна да галопира.

Вакциналните пунктови ќе работат во две смени, како и една смена во сабота. Комисијата за заразни болести им препорача на оние коишто имаат дијагностицирана голема кашлица да се изолираат пет дена откако ќе почнат да го примаат антибиотикот. Но, на децата во основно училиште не може да им се забрани да посетуваат настава ако се невакцинирани, за разлика од оние во градинките. Разликата е во тоа што градинките се незадолжителни, а основното образование е задолжително.

– Тоа е проблем кој го детектираме, но за жал немаме решение во моментот, бидејќи вакцинацијата е задолжителна, но и образованието е задолжително. Во случаите кои се проблематични за вакцинација во изминатиот период, образованието некако победува. Така што, оваа препорака не може да ги опфати училиштата и се однесува само на градинките, вели професор доктор Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести и имунолог.

Фото: Пекселс

Директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, Бесим Зекири за „Слободен печат“ вели дека проблемот со тоа е во Законот за здравствена заштита којшто треба да претрпи промени.

– Не е изречно регулирано со Законот децата да не се примаат во градинка ако се невакцинирани. Се препорачува вакцинација. Но, ако се прогласи епидемија на некоја болест, тогаш се менуваат правилата. Инаку благодарам што ги ловите дефектите, тоа е главниот дефект, што не е изменет Законот за здравствена заштита и што градинките немаат право да не примаат невакцинирани, освен ако не е состојба на епидемија. Затоа мора да се смени законот и тоа треба да го поддржиме сите. За оваа проблематика нема власт и опозиција, ова е работа што ги засега сите, изјави Зекири.

Инаку, судските архиви до кои пристапи „Слободен печат“ покажаа дека кога во 2019 година беше прогласена епидемија на морбили, градинките не ги примале децата што не се вакцинирани со МРП вакцина, бидејќи тоа им го наложил Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Барем во два судски предмети во кои имавме увид е евидентно дека родителите на овие невакцинирани деца ги тужеле градинките за дискриминација, но загубиле на суд кој го ставил индивидуалното и колективното здравје на пиедесталот.

Апелацискиот суд навел дека родителот не може да се повикува на правото на згрижување на неговото дете во претшколска установа ако со тоа се загрозува здравјето на неговото дете, но и здравјето на другите деца згрижени во таа установа, бидејќи сопственото право може да се протега до границите кои нема да ги повредуваат правата на другите.

Судот утврдил дека независно од причините што детето не е вакцинирано со МРП вакцина, одбивањето за негов прием во дневен престој е оправдано со соодветните мерки за заштита во услови на прогласена епидемија на морбили на подрачјето на Скопје.

„Правилен е заклучокот на првостепениот суд дека зголемената опасност од ширење на заразни болести, која постои во услови на меѓусебен контакт во детската установа кога во истата престојуваат деца кои не се вакцинирани со соодветна вакцина, доведено во корелација со прогласена епидемија на морбили на подрачјето на Скопје, претставува оправдана причина за временски ограничено одбивање прием на таквите деца во детската установа. Таквата опасност постои не само за заразување на детето кое не е вакцинирано, туку и на останатите деца последователно, доколку дојде до негово заразување, па консеквентно на тоа мерката за забрана на прием на децата коишто не се соодветно вакцинирани во детската установа е насочена кон заштита на здравјето на пошироката детска популација, односно има карактер на заштитна мерка“, утврдил Апелацискиот суд.

Со овој текст „Слободен печат“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот