Акција за пошумување во Илинден, ќе се засадат повеќе од 2000 садници
Во општина Илинден на неколку локации се спроведува акција за пошумување, во рамки на проектот „Зелена општина Илинден“. Во рамки на акцијата која ќе трае во наредниот период, како што информираат од Илинден, ќе бидат засадени над 2000 садници од повеќе видови, а целта е да се придонесе за подобрување на квалитетот на воздухот, унапредување на животната средина, како и подобрување на условите за живеење.
Препорачано
Заедно со општествено одговорни компании, граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација, се сади покрај пешачко-велосипедските патеки, покрај улици, патишта, училиштата, детската градинка, спортските терени, пределот на Ајватовски рид и други јавни површини.
За градоначалникот Александар Георгиевски, грижата за екологијата и здравата животна средина е обврска на сите, па во таа насока во општина Илинден се почесто ќе се спроведуваат акции за пошумување.
Со реализацијата на овој проект се залагаме за еколошки почиста општина, како и подигнување на еколошката свест. Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа – вели Георгиевски.


