Ахмети им избега на медиумите, нема детали од исказот за пропаднатиот попис

Али Ахмети Фото: Драган Митрески

Иако исказот на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во Обвинителството за организиран криминал и корупција беше првично закажан во 10 часот, тој на свое барање во просториите на Обвинителството се појавил во осум часот изутрина и веќе го напуштил објектот.

Во ОЈО тој беше повикан поради случајот за пропаднатиот попис од 2011-тата година, а според истрагата, отпочната од тогашното СЈО, Али Ахмети и Никола Грувски го оштетиле буџетот за 2,8 милиони евра. Сега случајот „Попис“ е дел од предметите кои преминаа во рацете на Обвинителството за организиран криминал и корупција, предводено од Вилма Русковска.

Делото беше презентирано во јавноста во март 2018 од страна на обвинителката Фатиме Фетаи, а ова е единственото дело каде осомничен е лидерот на ДУИ.

– Иако биле свесни дека ќе настапат штетни последици, лицата пристапиле кон спроведување на пописот. Кога виделе дека немаат капацитет да ги сокријат демографските факти за земјата, тие, со цел да избегнат одговорност, се договориле да претстават дека причините за стопирање на пописот се од техничка природа, рече тогаш Фетаи, додавајќи дека доколку пописот бил одложен, а не прекинат, немало залудно да бидат потрошени парите.

СЈО ги сомничеше дека ја злоупотребиле својата службена положба и како претседатели на партии и коалициони партнери се согласиле да се прекине пописот. Обвинителката Фатиме Фетаи нагласи дека тие ја искористиле својата положба и за да ги сокријат неповолните факти за демографската структура на населението.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот