АФЕРА го тресе Косово: Од Државната каса исчезнаа повеќе од 2 милиони додека траеше пауза за ручек

Фото: themayor.eu

Косово го тресе невиден скандал. На 9 октомври од Државната каса преку Електронскиот систем за финансиско управување и контрола (КФМИС) исчезнаа 2 милиони и 77 илјади евра за само неколку минути.

Според податоците кои се познати досега направени се 4 плаќања во име на три патни проекти. Огромната сума пари од Буџетот се префрлени на сметката на компанија со име „ЛДА Груп Ш.П. К“, со седиште село Лапушник кое се наоѓа во дреничкиот регион, по основ на три проекти: патот Жур-Драгаш, патот Призрен-Превала и патот Приштина-Митровица. Компанијата „ЛДА Груп“ никогаш немала склучено договор со Министерството за инфраструктура.

Приштинскиот весник Коха објави дека кражбата се случила во 12:41 часот, во времето кога службениците на администрацијата имаат пауза за ручек.

За кражбата е осомничен вработен во Министерството за финансии на Косово, Лабинот Груда кој како финансиски службеник во ова министерство работи веќе 11 години. Груда кој е по потекло селото Коморан, кое е во истиот реон како и фирмата, е уапсен во вторник на 20 октомври. Полицијата извршила претрес на неговиот имот во Коморан како и во неговиот стан во Приштина при што му одземен му е автомобил „Ауди А4“.

Полицијата сè уште трага по сопствениците на компанијата Кадри и Валон Шаља кои исто така се од село во Општина Дренас. Во јавноста веднаш се прошири информација Карди Шаља е претседател на огранок на партијата Социјалдемократска иницијатива на Фатмир Лимај.

Вицепремиерката од владата на Авдула Хоти, Албулена Балај-Халими како последица на невидениот грабеж ја разреши нејзината советничка, која истовремено е и ќерка на еден од осомничените.

„Откако медиумите објавија дека родителот на мојата советничка Хајрие Гаши е вмешан во кражба на над 2 милиони евра, решив веднаш да ја отпуштам г-ѓа Хајрие Гаши, од позицијата советник. Г-ѓа Хајрие од самиот почеток беше меѓу исклучително посветените советници и успешно ги извршуваше сите задачи поставени од мене! Иако сум свесна дека никој не смее да одговара за постапките на неговото семејство, во овој случај, затоа што имаме работа со многу сериозно кривично дело, сметам дека нејзиното разрешување е потребно. Јас ја донесов оваа одлука да ги отстранам сите сомнежи пред граѓаните дека високата функција на советник може да се искористи за попречување на правдата!“ напиша на Фејсбук вицепремиерката.

Таа појасни и дека само финансиските службеници имаат пристап до системот преку кој биле украдени парите. Но, врз основа на протокот на трансфер од државниот буџет на приватни сметки, излегува дека безбедноста во овој систем е ранлива.

Коха пренесува дека само овластените службени лица имаат пристап до системот за исплата и само тие можат да се регистрираат како корисници. Според овој медиум регистрацијата во овој систем се врши во име на службеното лице, додека пристапот до лозинката има само физичкото лице кое ја користи сметката.

„Хасан Красниќи е име на корисник, кој во електронскиот систем каде се управуваат парите од целиот државен буџет, ја има регистрирано компанијата „ЛДА Груп“, како снабдувачи на Министерството за инфраструктура. Во ова министерство нема службено лице со ова име. “ пишува Коха.

Министерката за финансии, Хикмете Бајрами соопшти дека нема да поднесе оставка и дека во тек е сеопфатна истрага и дека ќе се открие крајниот корисник на парите.

„Разбирливо, ние го пријавивме случајот и економските злосторства се испитуваат внатрешно. Досега 2 функционери се суспендирани, едниот е уапсен од косовската полиција. Ние веќе ја следиме оваа банкарска трансакција. Институциите за спроведување на законот истражуваат да се најдат крајните корисници“, рече таа.

Министерката нагласи дека институциите за спроведување на законот прават максимални напори да ги вратат украдените средства во косовскиот буџет.

Акција „метла“ во Приштина, Хоти отпушти директори на косовската полиција, царина и даночна управа

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот