Фото: МВР

Афера фалсификуван ботокс: Притвор за шестмина, останатите во куќен притвор и со мерки за претпазливост

Доцна синоќа Кривичниот суд им определи мерка ефективен притвор на шестмина осомничени за фалсификуваниот ботокс и филери кои им биле вбризгувани на пациентки во Македонија, на 4 лица им определи мерка куќен притвор а останатите деветмина добија мерки за претпазливост.

Мрежата е под истрага поради сомнежи дека шверцувала ботокси и филери кои во Македонија се сметаат за лекови и медицински средства, без притоа да ги регистрира во Агенцијата за лекови и медицински средства, без ботоксите и филерите да имаат етикети, декларации и проверки, и тоа со посредство на еден цариник кој е осомничен дека примал мито – за потоа овие филери и ботокси да бидат употребувани врз жени во Македонија кои вршеле естетски интервенции. Ботоксите и филерите се од брендовите „Револакс“ и „Диспорт“.

Засега од Министерството за здравство немаат излезено со препораки што да преземат пациентките кои што биле третирани со овие фалсификати, ниту пак дали е потребно да направат некакви испитувања. На прашање на „Слободен печат“ до Министерството кои се препораките од пластичните хирурзи и од дерматолозите за пациентите што биле третирани со фалсификуваниот ботокс, одговори нема. Инаку, во Бугарија минатата година имаше скандал со увоз на нерегистриран ботокс од Турција при кој 12 жени завршија хоспитализирани. Министерот за здравство Азир Алиу ја поздрави акцијата и апелираше пациентите да користат услуги само од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита, иако докторите што се приведени се токму такви – лиценцирани и вработени на специјализирани државни универзитетски клиники за дерматологија.

Случајот е изненадување за македонската јавност, затоа што изминатите години стручните здруженија за дерматологија и за пластична хирургија алармираа дека треба да се сузбијат фризерките и приучените што со курс од една недела боцкаат низ станови и во козметички студија а чии реклами го преплавија „Инстаграм“. Наместо тоа, се случи доктори да „паднат“ поради сомнеж дека аплицирале нерегистрирани материјали.

 

 

Акцијата не го решава големиот проблем на „сива“ естетика – немедицински лица купуваат ботокс и филер и го аплицираат за пониска цена на жени во фризерски салони, станови и хотели. Ако при ваква интервенција се запуши крвен сад со хијалуронски филер, може да настапи слепило. Здруженијата за естетска медицина пред 2 години на прес-конференција набројаа неколку од компликациите што ги санирале на државните клиники во Клинички центар „Мајка Тереза“ – распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци.

Човечката алчност станува најопасна тогаш кога профитот ќе се стави пред здравјето на луѓето. Да се внесуваат во Македонија нелегално неодобрени и непроверени препарати, а потоа да се инјектираат во телото на човекот, не е само неодговорност, тоа е сериозен ризик по нечие здравје, доверба и достоинство. Во операцијата „Ботокс“ уапсени се 19 луѓе, а поднесена е кривична пријава против 19 физички и 6 правни лица за злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост, неовластена употреба на туѓа фирма, помагање и примање поткуп. Без етика. Без чувство за последиците. Без почит кон човечкиот живот. Никој нема право да заработува на туѓата желба за убавина, оставајќи можност за трајни последици и опасност. Затоа институциите мора да бидат одлучни, а законот доследен. Ќе продолжиме да штитиме таму каде што е најважно, здравјето, достоинството и безбедноста на секој граѓанин, вели директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.

„Слободен печат“ со детали за акцијата за нелегален ботокс и филери: Уапсени се повеќе од 10 луѓе, дел од нив доктори на Дерматологија и во ГОБ „8 Септември“

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера соопшти дека како резултат на предистрага што траела повеќе месеци, акцијата сузбила организирана криминална група. По претресите во Скопје, Струмица и Битола, приведени се 14 луѓе, меѓу кои доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и нивни помагачи – луѓе кои според ОЈО ГОКК организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесените лекови и медицински помагала.

Кривичната пријава ја поднела Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги. Постои основано сомневање дека лицата се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Со пријавата се опфатени и шест фирми.

Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица. Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност, посочија од ОЈО ГОКК.

Во рамки на истрагата, осомничен е и царински службеник кој двапати примил мито за да овозможи ботоксите и филерите да влезат на македонската граница без да бидат царински контролирани.

Истрагата опфаќа и блиски сродници на дел од осомничените, кои иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта, додадоа од ОЈО ГОКК.

Распаднат задник од премногу филери, некроза на носот, паднати очни капаци се само некои од последиците зашто козметичарки а не доктори аплицираат ботокс и филер во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот