Сами Љута, за кого обвинителката Фатиме Фетаи денеска го повлече делото за кое се товареше во случајот „Монструм“, ќе бара отштета за времето поминато зад решетки, согласно првичната пресуда, открива адвокатот Насер Рауфи. Обвинителството посочи дека по анализа на сите докази, не било утврдено дека Љута бил вмешан во убиството на четирите момчиња и рибарот крај Смилковското езеро во 2012 година.
-Очекуваме одлуката за повлекување на обвинението да стане правосилна. Потоа, веднаш ќе побараме отштета за бесправедно поминатото време на Сами Љута во затвор. За тие, околу четири години, се надевам дека ќе постигнеме вонсудски договор со властите за обештетувањето поради претрпениот стрес и болка, изјави за „Слободен печат“ адвокатот Рауфи.
Тој очекува во понатамошната постапка да се утврди дека и останатите обвинети не се виновни за делото, додавајќи дека обвинението за Љута се темелело на исказите на заштитениот сведок. Според Рауфи, сведокот тврдел дека Љута бил вмешан во громозорното убиство, па оттму сега се доведува во прашање веродостојноста на неговите изјави.
Обвинителката Фетаи во завршните зборови за случајот, истакна дека ќе бара максимална казна – доживотен затвор за обвинетите Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ, за делото „тероризам“. Од друга страна, за делото „помагање на тероризам“ побара 15 години затворска казна за Фејзи Азири и девет години за Хаки Азири.
Обвинителката додаде дека со намера изборот на жртвите е тие да бидат Македонци, со што ќе се предизвика конфликт и меѓуетничка омраза. Сепак, Фетаи потенцира дека вистинскиот мотив ќе се дознае доколку за македонските органи бидат достапни обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Двајцата се во бегство на Косово, а иако властите во Приштина ветија дека штом бидат завршени сите законски процедури тие ќе и бидат предадени на Македонија досега нема позитивен исход за поднесените барања за екстрадиција.