Администрацијата на Трамп избегнува да даде гаранции на хартија за Украина
Киев во пресрет на овогодинешната Минхенска безбедносна конференција нема големи очекувања за војната во земјата. Платформата во Германија која во претходните години беше едно од клучните места за дипломатски контакти и неформални разговори за Украина, овој пат, според „Политико“, би можела да донесе повеќе неуспеси отколку напредок во преговорите.
Препорачано
Според европските претставници кои разговараа со весникот, од состанокот не се очекуваат конкретни одлуки, туку главно изјави за поддршка и солидарност со Киев. Дипломатските кругови веруваат дека конференцијата ќе биде обележана со симболични пораки, без јасни чекори кон дефинирање на безбедносните гаранции или рамка за мировниот процес.
Соединетите Американски Држави наводно јасно му ставиле до знаење на украинското раководство дека нема да ги формализираат безбедносните гаранции сè додека не се постигне сеопфатен договор меѓу Украина и Русија за прекин на војната. Оваа позиција дополнително ги комплицира очекувањата на Киев, кој ги смета гаранциите за клучен елемент на идната безбедносна архитектура.
Преговорите остануваат фокусирани на територијални прашања. Москва инсистира на целосна контрола врз Донбас, што Киев категорично одбива да го прифати. Токму овој јаз, според западните дипломати, претставува најголема пречка за каков било сериозен напредок.
Во исто време, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека не ги користи безбедносните гаранции како средство за притисок во преговорите. Сепак, дипломатските кругови проценуваат дека токму прашањето за гаранциите и територијалните отстапки ќе ја одреди динамиката на следната фаза од разговорите.
Следниот состанок на претставници на САД, Русија и Украина е планиран за следната недела. Мајами или Абу Даби се споменуваат како можни локации, каде што Вашингтон гледа можност за поконкретен напредок и попрецизно дефинирање на рамката за идните разговори.
Во таква средина, Минхен би можел да послужи повеќе како дипломатска сцена за изразување ставови отколку како место каде што ќе се преземат одлучувачки потези. За Киев, кој се соочува со сè посложени воени и политички предизвици, ова значи дека вистинската тежина на преговорите веројатно ќе падне на последователните, состаноци во потесен формат надвор од очите на јавноста.


