АДИССДП: ФК Вардар изнесе низа невистини и закани на сметка на нашето Друштво

фото: facebook.com/FKVardarSkopje

Во текот на вчерашниот ден фудбалскиот клуб Вардар излезе со соопштение до јавноста дека не доби дозвола да игра на Арената „Тодор Проески“ и дека своите натпревари ќе ги игра во Маџари. Повеќе ТУКА

Веднаш дојде и реакција од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката во однос на вчерашното соопштение на одредени лица кои преку профилот на ФК Вардар вчера изнесоа низа невистини и закани на сметка на нашето Друштво:

Изненадени од грубите невистини и реториката на закани кои одредени лица преку профилот на ФК Вардар во однос на некористењето на Националната Арена „Тодор Проески“ од страна на клубот беа пласирани во јавноста, АДИССДП чувствува потреба да го истакне следното:

Барањето за користење на Националната Арена „Тодор Проески“ од страна на ФК Вардар за денешниот натпревар не е дозволено ЕДИНСТВЕНО поради огромниот долг кој клубот го има кон Друштвото во однос на користење на арената, и кој години наназад не се подмирува и покрај иницијативата која пред две години ја понуди Владата на РСМ долгот да се подмири на начин што друштвото ќе се откаже од каматите во однос на главниот долг, доколку клубот го исплати само главниот долг.

Она што пред неколку денови беше упатено како барање до Друштвото подразбира плаќање исклучиво на цената за денешниот натпревар, не навлегувајќи и избегнувајќи ги обврските и долговите кои клубот ги има кон Акционерското друштво ,без притоа да се понуди никаква конкретна и реална алтернатива за нивно подмирување.

Дрска и безобразна е реториката на закани и на посочување на Акционерското друштво како виновник за состојбата во која се наоѓа ФК Вардар. Напротив, АДИССДП работи исклучиво согласно законот и штитејќи го интересот на друштвото, додека вината за состојбите во кој за жал е оставен најтрофејниот македонски фудбалски клуб треба исклучиво да се бара кај оние кои во минатото раководеа со ФК Вардар на начин кој ја предизвика ваквата состојба на задолженост на клубот.

На крајот, Националната Арена „Тодор Проески“ е објект од јавен интерес, сопственост на Република Северна Македонија за чие користење право полагаат сите фудбалски клубови од првата фудбалска лига подеднакво, под исти услови и почитувајќи исти правила. АДИССДП како субјект кој е задолжен со стопанисување и одржување на објектот е должно да постапува неселективно према сите субјекти кои имаат потреба од користење на објектот, а изнајмување на Арената на субјект кој има активен извршен предмет поради повеќегодишен долг, без притоа да понуди обезбедување или начин на исплата на долгот е спротивно на актите на друштвото и целосно спротивно на принципот на одговорно стопанисување со самиот објект  – се вели во реакцијата на АДИССДП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот