Абазовиќ вели дека нема пречки за одржување на пописот од страна на актуелната власт

Дритан Абазовиќ/ Фото EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Претседателот на црногорската Влада во технички мандат, Дритан Абазовиќ денеска изјави дека, што се однесува до сегашната Влада, пописот на населението може да почне и нема пречки за негово одржување, а доцнењето ќе значи дополнителни трошоци.

Абазовиќ ова го кажа на седницата на Владата и додаде дека вчера непознати лица им пречеле во работата на инструкторите и попишувачите во Улцињ, поради што е побарано од полициската управа да се вклучи во безбедносната проценка на попишувачите.

– Ние треба само да постапиме согласно Уредбата, уредбата мора да се смени, се разбира, за да може секој легитимно да носи одлуки. Во моментов нема пречка да почне процесот. Мораме да размислуваме за дополнителни трошоци доколку се одложи процесот. Без разлика на тоа, сосема е легитимно да се носат одлуки. Што се однесува до 43-та влада, за нас тоа прашање е процедурално архивирано и секое дејствие може да почне онака како што било предвидено, рече Абазовиќ.

И црногорскиот министер за финансии Александар Дамјановиќ рече дека Монстат заедно со оваа влада е подготвен да го спроведе пописот. Тој испрати барање до Управата на полицијата да се вклучи во врска со барањето на Монстат за безбедносна проценка на попишувачите инструктори и попишувачите кое било испратено на 16 и 23 октомври. Дамјановиќ рече дека вчера била отежната работата на попишувачите инструктори и попишувачите во изнајмени згради во просториите на општина Улцињ. Биле вознемирувани, рече тој, од непознати лица, а за тоа била направена и службена белешка и даден е исказ во Управата на полицијата, објави порталот РТЦГ.

Абазовиќ рече дека она што се случило во Улцињ не станува збор за некаква драма и дека, како што наведе, сето тоа е составен дел од притисокот што бил создаден, пренесе РТЦГ.

Пописот на населението во Црна Гора беше најавен од 1 до 15 ноември, а претставникот и лидер на Движењето Европа сега, Милојко Спајиќ, вчера најави дека новата извршна власт ќе го одложи пописот за еден месец. Тие тврдат дека нема услови за одржување на пописот кој веќе две години доцни во Црна Гора, па дури и дека резултатите се веќе фалсификувани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот