А нафта ќе има ли?
Од повеќе соседни земји на Иран пристигнуваат извештаи за напади. Новинар на агенцијата Ројтерс јавува дека во катарската престолнина Доха се слушнале повеќе експлозии, а и од Абу Даби пристигнуваат информации за силни детонации, пишува Дојче веле.
Препорачано
Во воздушен напад врз една воена база на ирачката армија загинало едно лице, соопшти портпаролот на базата. Во Кувајт се огласиле сирени. Бахреин, според наводите на државната новинска агенција, потврди дека бил цел на напад.
Иранските вооружени сили објавија дека нападнале вкупно четири американски воени бази во регионот. Меѓу целените локации биле воената база Ал Удеид во Катар, базата Ал Салем во Кувајт, воздухопловната база Ал Дафра во Обединетите Арапски Емирати, како и американската флота во Бахреин, јави агенцијата Фарс.
Според израелските наводи, Иран испалил ракети кон Израел. Војската соопшти дека открила ракети испалени од Иран кон Израел, поради што во повеќе делови од земјата била активирана воздушна тревога, со сирени и предупредувања на мобилните телефони. Голем број ирански проектили биле уништени пред да ја погодат целта, но сепак има и жртви.
Цената на нафтата веќе порасна
Големо прашање е како овој конфликт ќе се одрази врз цената на нафтата: веќе овој петок, кога преговорите во Женева покажаа дека нема да има согласност, цената на нафтата на светскиот пазар скокна за околу три отсто. Оваа сабота, кога нападот навистина започна, речиси сите берзи се затворени, па дури во понеделник ќе се види вистинскиот размер на паниката на пазарот.
Паниката е видена безброј пати: во 1990 година, по ирачката инвазија врз Кувајт, нафтата од типот Брент поскапе за 30 отсто во само 48 часа; во 2003 година, во пресрет на инвазијата врз Ирак, цената порасна за 15 отсто; во 2019 година, по нападот со беспилотни летала врз Абкаик во Саудиска Арабија, цената експлодираше за 20 отсто во еден ден; во 2022 година, по нападот на Русија врз Украина, нафтата поскапе за 35 отсто во четири дена.
Повеќе нафта за светскиот пазар
Главното оружје на Иран е всушност Хормушкиот теснец, главната врска за извоз на нафта на речиси сите земји од Персискиот Залив. По нападот врз Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати наводно веќе го зголемиле извозот во очекување на можни нарушувања во испораките.


