7 работи што не сте ги знаеле за страшниот затвор Алкатраз, кој бил затворен на денешен ден во 1963 година
Алкатраз е остров кој се простира на 9 хектари во заливот Сан Франциско во САД. Во средината на минатиот век се сметал за најобезбедуваниот затвор во Америка. Денес е главна туристичка атракција што ја посетуваат повеќе од милион луѓе секоја година. Во продолжение прочитајте неколку работи за Алкатраз кои можеби не сте ги знаеле.
Препорачано
1. Алкатраз во превод од шпански значи пеликан, а островот го добил името токму по пеликаните. Наводно, во далечната 1775 година, шпанскиот истражувач Хуан Мануел де Ајала го нарекол „La Isla de los alcatraces“ или Островот на пеликаните. Исто така се нарекува и Карпата.
2. Островот првично бил замислен како воена тврдина, а многу години подоцна официјално станал затвор. Кон крајот на 19 век, група Индијанци биле затворени таму бидејќи одбивале да се однесуваат во согласност со правилата на американската влада.
3. Ќелиите во затворот биле помали од некои плакари. Во блоковите Б и Ц димензиите се само 1,5 x 2,7 метри, што било доволно за да се стави мал кревет, ВЦ-школка и минијатурен мијалник со ладна вода.

4. Затворот бил отворен сè до 1963 година, кога бил затворен засекогаш на 21 март. Во времето на неговата најголема популарност, чуварите и другиот затворски персонал живееле на островот со своите семејства.
5. 36 луѓе се обиделе да побегнат од Алкатраз. 23 лица биле фатени додека бегале, шест биле застрелани од стражарите, а двајца се удавиле. Останатите пет мажи исчезнале без трага. Се претпоставува дека и тие се удавиле, но нивните тела никогаш не биле пронајдени.
6. Бројни криминалци ја отслужувале казната во Алкатраз, а најпознат е Ал Капоне, кој поминал четири и пол години на Карпата.
7. Иако некогаш се тврдеше дека никој не може да преплива од Алкатраз до брегот, тоа е всушност возможно. Секоја година се одржува триатлон наречен „Бегство од Алкатраз“ (Escape from Alcatraz Triathlon) што го докажува ова тврдење. На триатлонот од островот до Сан Франциско се плива 2,4 километри, 28 километри се вози велосипед и 12 километри се трча.


