Поради маржите на Вучиќ, масовно се затвораат маркети низ Србија
Се очекува отпуштање на неколку стотици работници.
Речиси сите големи малопродажни синџири планираат да затворат продавници низ цела Србија, што е директна последица од економските мерки на претседателот Александар Вучиќ за ограничување на маржите, пишува Време.
Препорачано
Според порталот Време, речиси сите големи малопродажни синџири што работат во Србија одлучиле да затворат некои филијали, а според изворите на медиумот, неколку стотици луѓе би можеле да ги изгубат своите работни места. Сето ова е резултат на одлуката на владата за ограничување на трговските маржи.
Синџирот продавници „Гомекс“ веќе затворил три продавници во Нови Пазар, една во Чачак и две во Златибор. Пред тоа, основачот Горан Ковачевиќ, познат во јавноста како човек кој секогаш отворено го искажувал своето мислење, ја напушти компанијата. Иако официјално беше објавено дека се пензионирал, изворите наведуваат дека тој заминал под притисок, бидејќи не се согласувал со моментната економска политика на државата и јавно коментирал за неа.
Според информациите, „Гомекс“ ќе продолжи да ги намалува трошоците и ќе затвори вкупно 15 продавници до ноември, најмногу во Крагуевац, Нови Пазар и Смедеревска Паланка, а една продавница ќе биде затворена и во Белград.
Слична стратегија применуваат и други малопродажни синџири – ДИС затвора продавница во центарот на Белград и уште два објекта во други градски општини. До крајот на годината, „Меркатор“ ќе затвори десетици објекти, отпуштајќи или прераспределувајќи голем број вработени, додека „Делез“ планира да затвори десет од своите продавници.


