На фестивалот се претставени авторски и групни изложби

„Зрно“ претставува спектар на креативни процеси засновани врз аналогни техники и естетики на фестивалот „Аналогманија“ во Темишвар

Фестивалот на аналогна фотографија „Зрно“ на 13 и 14 октомври активно учествува на меѓународниот фестивал посветен на аналогна фотографија, филм и музика „Аналогманија“ во Темишвар, Романија.

Учеството на „Аналогманија“ е дел од пошироките активности на „Зрно“ за промовирање и ширење на аналогната култура во Европа, а „Зрно“ е препознат ширум Европа како значаен промотор на аналогниот пристап во современата уметност и станува јадро на алтернативната фотографија во Европа.

На фестивалот „Аналогманија“, „Зрно“ претставува неколку изложби: „Исчезнување во пејзажот“ – авторска изложба на Сара Сасани (Иран); „Гора – стебла“ – авторска изложба на Стиг Марлон Вестон (Норвешка); „Ева Ристиќ“ и „Време за чај“ – авторска изложба на Емилија Сандиќ (Србија); „Воскреснување на старите мајстори: оживеани негативи од браќата Манаки“ – изложба на „Зрно“ во соработка со Државниот архив на Македонија – Сашо Алушевски.

Во рамки на фестивалот, Сашо Алушевски ќе претстави неколку дела на македонските пионери на фотографијата и филмот – браќата Манаки, отпечатени на традиционален начин, со благородните историски фотографски техники – Ван Дајк и Цијанотипија.

На фестивалот во Темишвар е поставена и изложбата „Sehschärfenbestimmung“ (Корекција на диоптријата) со 60 уметнички пристапи кон аналогната фотографија. Во организација на „galerie.guerilla“ од Виена и „Зрно“, оваа изложба претставува разновиден спектар на креативни процеси засновани врз аналогни техники и естетики. Шеесет уметници, повеќето од Европа, се претставени со внимателно избрани дела. Изложбата нуди богат мозаик на идеи, концепти и визуелни истражувања, охрабрувајќи ги посетителите да се поврзат со визијата на секој автор.

Меѓу учесниците на изложбата се и повеќе македонски автори: Ангела Грозданов, Анѓела Танчевска, Филип Ицовски, Ивана Цветаноска, Јелена Велинова, Кети Талевска Бакревска, Мартина Павлоска, Сара Ислам и Сашо Алушевски.

Тимот на „Зрно“ во соработка со Фото клуб „Ирис“ во Темишвар организира и две работилници: Емилија Сандиќ – „Мордансаж техника“ на 13 октомври; и Мартина Павлоска – „Креативна игра со полароид фотографија“ на 14 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот