Зошто во договорот со унгарската банка го нема износот за правни услуги?

фото: социјални мрежи/Христијан Мицкоски

СДСМ бара законот за задолжувањето да се носи по редовна место по скратена постапка.

Задолжувањето со унгарска приватна банка од 500 милиони евра и понатаму ја бранува и власта и опозицијата. Власта сака што побргу да го истурка проектот, но опозицијата не сака да го стави на дневен ред на собраниската комисија за финансирање и буџет каде што го држи претседавањето. Експерти и поранешни министри за финансии со кои разговараше „Слободен печат“ сметаат дека во Предлог-законот има елементи на нетранспарентност, а особено обрнуваат внимание дека таму никаде го нема износот за провизија за правни услуги што ќе мора да го платиме. Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека станува збор за адвокатски услуги во износ од 70.000 евра.

Вчера претседателот на СДСМ Венко Филипче беше дециден дека ваков каков што е Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност, по договор за заем за буџетско финансирање и финансирање општи цели, по скратена постапка, нема да биде поставен на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Тој рече дека законот треба да се донесе по редовна постапка, со широка дебата. Со Комисијата за финансирање и буџет, собраниско тело низ кое мора да помине Предлог-законот, раководи Сања Лукаревска од редовите на СДСМ. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ има можност Предлог-законот да се стави на дневен ред. Во членот 126 од новиот собраниски Деловник за работа на работните тела од Собранието пишува: „Ако претседателот на работното тело не свика седница кога е должен тоа да го стори, или ако работното тело нема претседател, седницата ја свикува претседателот на Собранието и со седницата претседава членот на работното телото што ќе го определи претседателот на собранието, до завршување на седницата“. Значи клучот за овој закон сега е во рацете на собранискиот спикер Африм Гаши.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека очекувал опозицијата да ја опструира работата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледува Предлог-законот за задолжувањето.

– Добив информација дека денеска нема претседателот на Комисијата за финансирање и буџет оваа точка да ја стави на дневен ред, тоа е Сања Лукаревска. Таков став заземале во СДСМ. Деловникот е јасен, има таму период кога треба да се стави оваа точка, доколку не се стави, што се прави итн. Тоа ќе прави. Опозицијата, претпоставувам Левица – ДУИ – СДСМ, ќе се обидат, дури мислам дека и на недемократски начин, да ја опструираат работата на Комисијата – рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања по неговата посета на СРЦ „Бранители“ во Општина Бутел.

Според премиерот, „вистинската намера на опозицијата е стравот, бидејќи ако овие средства се вложат на начин на кој планираме да ги вложиме, ние ќе добиеме политички бенефит од сето ова и на тој начин преку реализација на проектите во општините и поддршка на бизнисот конечно, по долго време застој и уназадување, државата ќе почне да чекори напред“.

Мицкоски ја искористи и можноста за да се поправи во однос на пресметките на процентот на провизијата што ќе ја платиме за правните услуги на независна фирма избрана од Унгарската експорт-импорт банка. Тоа немало да биде 0,1 процент како што рече вчера, туку 0,014 процент и тоа е за адвокатски услуги, процес што според изјавата на Мицкоски е стандарден за ваков тип заеми. Во апсолутен износ овој трошок е 70.000 евра.

Експерти со кои разговаравме, велат дека не е толку проблематично што банката си избира куќа за правни услуги. Тие тоа го споредуваат како со кредит кога некој граѓанин оди во банка што има подготвено документи со сите правни заштити, затоа што таа ги дава парите, а кредитобарателот треба да ги врати со камата. Она што загрижува е што никаде во договорот не може да се прочита дека навистина 70.000 евра ќе чинат тие правни услуги.

Во Предлог-законот за задолжувањето пишува:

„Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата“.

Во самиот договор може да се прочитаат и фискалните импликации за позајмените 500.000 евра. Станува збор за 30,8 милиони евра, без објаснување за што се однесуваат тие фискални импликации. Пишува само дека тоа се фискални импликации на предложените прописи и општите акти доставени до Владата на Република Северна Македонија за усвојување.

Банката е фокусирана на унгарскиот извоз и на инвестиции

На службената страница на Унгарската експорт-импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност пишува дека таа е финансиски мотор на унгарската економија, која го помага извозот и унгарските инвестиции во странски земји.

„Како финансиски мотор на унгарската економија, ние веруваме во силата на домашните претпријатија и даваме сè од себе да им помогнеме да успеат. Со нашето професионално знаење, искуство и меѓународни односи стекнати во текот на нашето речиси 30-годишно работење, помогнавме да донесеме унгарски производи или услуги во речиси 150 земји низ светот преку нашите финансиски инструменти, додека нашите домашни програми за финансирање создаваат нови можности за раст“, објаснуваат од Банката.

На сајтот е објаснето и дека банката своите одлуки ги носи со вклученост на независен консултант „врз основа на процена на ризиците од спроведувањето и работењето на проектот, и степенот до кој проектираниот готовински тек (финансиски модел) служи како извор на отплата на кредитот“.

 

Законот за унгарскиот заем стигна во Собранието: Трошоците за правни услуги се 70.000 евра, каматата е 3,25 проценти

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот