Зошто српските медиуми упорно го вовлекуваат премиерот Заев во „Рекет“, иако тој не е осомничен?

Фото: МИА

Аферата „Рекет“ деновиве уште повеќе ја тресе македонската јавност откако италијанскиот весник „Ла Верита“ почна да објавува видео и аудио снимки од разговори меѓу Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев. На дел од овие снимки, чија што веродостојност се уште не е утврдена, се слуша и гласот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа не е осомничена во овој случај, но одземен и е мобилниот телефон, како што соопшти обвинителката Вилма Рускоска, заради прибирање повеќе информации за истрагата против Боки 13 и Зоки Кичеец .

Во  случајот „Рекет“, засега, осомничени се само Боки 13 и Зоки Кичеец и тие се во 30-дневен притвор во затворот во Шутка.

И додека обвинителката Вилма Рускоска е на годишен одмор, дел од српските медиуми на големо се ставија во улога на обвинители и во целата афера се обидуваат да го вовлечат премиерот Зоран Заев, односно да го посочат како главен виновник, најавувајќи дека „Владата во Северна Македонија се тресе“.  Со ваквите инсинуации српските медиуми, особено Курир и Информер, почнаа веднаш штом „Ла Верита“ ги објави првите снимки. Овие медиуми во Србија важат за блиски на тамошната власт и особено се популарни по својата сензационалност.

Така спрспки Курир во четвртокот (08.08.) излезе со ударен наслов „Скандал каков Македонците не паметат: Државниот врв на чело со премиерот Зоран Заев и Зоран Башановиќ вплеткани во мафијашко-рекетарската афера на Боки 13! (SKANDAL KAKAV MAKEDONCI NE PAMTE: Državni vrh na čelu sa premijerom ZORANOM ZAEVIM i Zoranom Bašanovićem upleten u MAFIJAŠKO-REKETAŠKU AFERU BOKIJA 13).

На самиот почеток од текстот, Курир наведува дека „рекетарска афера ја тресе Северна Македонија, а во неа, покрај контроверзниот уапсен водител Бојан Јовановски, на естрадата познат како Боки 13, вплетка е и самиот државен врв на чело со премиерот Зоран Заев. Актер во оваа незапамтена мафијашка афера е и Зоран Башановиќ, советник на премиерот Заев…“.

Подолу во текстот се пренесуваат детали од објавената снимка на весникот Ла Верита, на која се гледа наводното примопредавање на рекетот од 1,5 милиони евра меѓу Боки 13 и Кичеец и Камчев.

Без никакви докази и факти Заев одеднаш станува главниот мафијаш, според српски Курир.

Истиот ден и срспки Информер објавува сензационален наслов: „Ова е клучен доказ! Поради корупција паѓаат и Заев и Башановиќ! Нивниот соработник Боки 13 фатен на дело, во скапоцена торба носел милион евра од бизнисменот кој го рекетирал! (OVO JE KLJUČNI DOKAZ! Zbog korupcije padaju Zaev i Bašanović! Njihov saradnik BOKI 13 UHVAĆEN NA DELU, U skupocenoj torbi nosio milion evra od biznismena kog je reketirao!).

На почетокот од текстот Информер пишува дека „Пред Европската унија е покрената истрага поради случај на корупција во кој е вмешан миленикот на Брисел и Могерини, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, како и неговиот советник, Зоран Башановиќ“.

Потоа, најдоле во текстот се повикува на македонските медиуми наведувајќи дека тие ја пренеле приказната на италијанскиот весник, не спомнувајќи го Заев и неговиот советник зоран Башановиќ.

Очигледно Заев и Башановиќ ги спомнуваат само Курир и Информер, бидејќи засега тие двајца не се осомничени во случајот „Рекет“. Овој случај го води Обвинителството и валидни се само оние информации кои излегуваат оттаму.

Но, српски Курир не застана тука. Денеска ексклузивно на својата насловна страница објави наводен исказ на Боки 13 дека ако го убијат, доказите против Заев се кај неговата мајка. (EKSKLUZIVNO! ŠTA JE BOKI 13 REKAO POLICIJI: Ako me ubiju, dokazi protiv Zaeva su kod moje mame!).

И повторно информациите кои ги изнесува изворот на Курир, „соговорник од Северна Македонија“, одат во насока на тоа дека главниот во аферата „Рекет“ е всушност премиерот Зоран Заев.

„На Северна Македонија и се заканува политички земјотрес и тоа поради уапсениот водител Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој се заканил дека, ако му се случи нешто во затвор, ќе падне владата на премиерот Зоран Заев“, пишува Курир.

Како што наводно дознава весникот, Боки на сослушувањето во полиција рекол дека има докази против Заев и неговите соработници, меѓу кои е и советникот на премиерот Зоран Заев.

Тука веднаш се отвара сомнеж во тврдењето на Курир, бидејќи Боки 13 по апсењето не беше сослушан во полиција, туку пред истражен судија во Кривичниот суд.

Изворот на информациите на Курир е „соговорник од Северна Македонија. Значи, не е прецизирано од каде е изворот, дали е можеби од семејството на Боки, дали од кругот на неговите пријатели, дали од неговот адвокатски тим, дали од судски извори во Македонија и т.н.

Информациите кои ги изнесува изворот на Курир, исто така не се проверени. Не е побарана изјава ниту од неговиот адвокат, ниту од неговата мајка. Понатаму, кога некого директно обвинувате за вака сериозно кривично дело, ред е да побарате негов став. Тука немаме изјава ниту од Заев, ниту од Башановиќ.

Освен со Заев, Курир вовлекува и други ликови од СДСМ во рекетарската афера на Боки 13, така што објавува негови фотографии со нив, очигледно алудирајќи на нивна поврзаност.

Со слична реторика продолжува и српски Информер. „Се тресе Владата во Скопје! Италијанските медиуми објавија нова снимка која докажува дека Заев и Боки 13 заедно го рекетирале македонскиот тајкун!“. (TRESE SE VLADA U SKOPLJU! Italijanski mediji objavili NOVI SNIMAK koji dokazuje da su Zaev i Boki 13 zajedno REKETIRALI MAKEDONSKOG TAJKUNA!).

Точно е дека на последната објавена снимка се слуша како Боки 13 во разговор со Орце Камчев го спомнува и Заев, но дали премиерот е вмешан во сето ова, ќе покаже истрагата. Македонија има судски органи кои го отворија ово случај и кои прибираат докази, а дали Заев или некој друг ќе биде осомничен во „Рекет“, ќе каже македонското обвинителство.

Српските медиуми овојпат се ставија во улога на обвинители и со сеназионалистички наслови од петни жили се обидуваат да го посочат Заев како главен виновник во целиот случај.

Прашање е дали можеби ваквите инструкции овие медиуми ги добиваат од некој центар и тоа токму во период кога Македонија очекува во октомври да добие датум за отпочнување преговори со Европската унија и кога очекува прием во НАТО Алијансата. Кој и зошто сака очајнички да падне Владата во вака сензитивен период за нашата земја, се надеваме дека ќе покаже времето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот