„Златната купола“ на Трамп заглавена меѓу технички спорови и дилеми за оружје во вселената
Една година по официјалното лансирање, амбициозната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за изградба на ракетниот одбранбен систем „Златна купола“ напредува побавно од планираното. Проектот, кој беше најавен како клучен столб на американската национална безбедност, се соочува со сериозни внатрешни спорови околу техничките решенија и особено околу улогата на вселенските компоненти, пишува Индекс.
Препорачано
Извршната наредба за воспоставување на „Златната купола“ беше потпишана на 27 јануари 2025 година и постави рок до 2028 година за создавање сеопфатен систем за ракетна одбрана. Сепак, една година подоцна, програмата сè уште нема потрошено поголем дел од 25-те милијарди долари што ѝ беа доделени минатото лето. Причината, според американски функционери, е тоа што клучните одлуки за архитектурата на системот сè уште не се донесени.
Според двајца извори запознаени со процесот, работата на финализирање на целокупната архитектура е во тек, а најголемите трошоци допрва треба да започнат.
„Парите се достапни и штом ќе се донесат клучните одлуки, значителни средства може брзо да бидат искористени“, велат изворите.
Од Пентагон велат дека проектот формално напредува согласно зададените цели.
„Канцеларијата задолжена за ‘Златната купола’ продолжува да ги исполнува целите наведени во извршната наредба. Планот за имплементација и поврзаните технологии се динамични, но основните елементи на архитектурата сега се утврдени“, изјави официјален претставник, додавајќи дека деталите се доверливи.
Дебата за оружје во вселената
„Златната купола“ предвидува проширување на постојните копнени одбранбени системи, како пресретнувачки ракети и напредни сензори, но и додавање експериментални компоненти во вселената. Тие би служеле за откривање, следење и потенцијално неутрализирање закани уште од орбитата, преку сателитски мрежи и нови технологии кои сè уште се предмет на дебата.
Еден од клучните проблеми, според функционерите, е внатрешната расправа околу класифицирана вселенска опрема. Извршен директор од одбранбената индустрија, кој зборувал анонимно, наведува дека дел од дилемите се поврзани со комуникациските стандарди меѓу системите, додека друг извор посочува дека станува збор за можни капацитети за уништување сателити.
САД традиционално се спротивставуваат на антисателитско оружје поради ризикот од создавање вселенски отпад, а во минатото остро ја критикуваа Кина за вакви тестирања.
Само симболични договори
Досега, конкретните чекори се ограничени. Во ноември, Вселенските сили на САД доделија неколку помали договори за развој на прототипи поврзани со „Златната купола“.
Меѓу компаниите кои добија вакви договори се Нортроп Груман, Локид Мартин и Андурил. Секој договор, вреден околу 120.000 долари, се смета за прв, но симболичен чекор во програма за која Трамп тврди дека на крајот ќе чини околу 175 милијарди долари.
Од декември наваму, одржани се и класифицирани брифинзи со одбранбени компании, но без јавно објавени конкретни резултати.
Рокот 2028 – сè понереален
Том Карако, експерт за безбедност во Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) во Вашингтон, оценува дека голем дел од изминатата година бил потрошен на безбедносни проверки, кадровски решенија и сложени административни процедури. Според него, целосната реализација до 2028 година е малку веројатна.
„Многу може да се направи во следните три години, особено во подобро интегрирање на постојните системи, но дел од компонентите сигурно ќе се развиваат и по 2028 година“, вели Карако.
Гренланд – политичка тема, не дел од планот
Дополнителна контроверзија предизвика и улогата на Гренланд. Трамп неодамна јавно ја поврза американската контрола врз данската територија со успехот на „Златната купола“, тврдејќи дека островот е „клучен“ за одбранбениот проект.
Сепак, експертите посочуваат дека постојните договори веќе ѝ овозможуваат на Америка значително воено присуство на Гренланд, а според американски функционер, островот воопшто не е дел од официјалната архитектура на „Златната купола“.


