Живот без желудник, новинарот Адеми силно се спротистави на дебелината, тежеше 230, сега има 100 килограми

Фото: Фејсбук/Невриј Адеми

За две години успеал да намали 140 килограми. Со силна желба и борба новинарот Невриј Адеми од Тетово успеа да ја победи гојазноста.

Пред околу 3 години тежев 230, а сега имам 100 килограми, но борбата и целиот процес не беше едноставен, раскажува Адеми.

Фото: Фејсбук/Невриј Адеми

Во 2019 година „чарето“ започнува да го бара во Турција. Таму ја прави првата операција со скратување на желудникот, но тој потфат не се покажал како успешен. Напротив како што вели, наместо да се намалат килограмите се зголемиле.

„Борбата ми започнува од дете кога бев исто така гојазен и со годините тој проблем се зголемуваше и морав да преземам нешто. Секогаш кога отстапувавме кога одложувавме се зголемуваше проблемот. Барав низ Македонија некој доктор да ми помогне, но не успеав. На 21 година направив операција во Турција и тогаш го скратив желудникот во Турција, но тоа не ми помогна .Од 160 килограми се симнав на 130 килограми, но за неколку години имав неверојатни 230 килограми. Првата операција не беше успешна. Но, јас не се откажав оти оваа тежина беше голем проблем не само кога се движев, проблем беше и кога лежев и кога спиев. И одлучив да го остранам желудникот во една друга болница со еден друг доктор исто така во Турција. Таа операција за среќа беше успешна, намалив од 230 на 100 килограми за две години, раскажува новинарот Невриј Адеми.

Но, предизвиците за Адеми и после двете операции продолжуваат. Неколку месеци освен течности, не смеел да конзумира никаква храна. Сега оброците му се на секои 15 минути, но само по неколку залаци.

„И после операција треба многу да се внимава. Не јадам тестенини. Првите три четири месеци не јадев ништо, после операцијата само јогурт пиев. Навистина е тешко, но многу подобро отколку да имаш 230 килограми, мора со тоа да се научиш да живееш. Со оваа операција треба да јадеш на секои 15 минути оти секои 15 минути ти си гладен, затоа што ти не смееш да се најадеш како што треба дека немаш желудник, секогаш со себе носам нешто во џеб, јадеш се освен тестенини и газирани пијалаци, тие цел живот не можеш да ги користиш. Секои два месеци одам на контрола и мора да се внимава оти ти не конзумираш се, не ги земаш сите витамини и минерали кои се потребни“, вели Адеми.


Гојазноста станува „јавно-здравствената бомба“

Здравствените работници велат дека гојазноста станува сериозен здравствен проблем, особено во последно време кај децата. Над 30 % од децата во тетовско се со прекумерна телесна тежина. Слична е статистиката и во останатиот дел од Македонија.

Најдобро е да спречи отколку да се лечи оти дебелината веќе стана сериозен здравствен проблем.

Taa е ризик фактор за појава на разни незаразни заболувања од типот на дијабет, хипертензија,кардиоваскуларни,како и бубрежни заболувања.Потребен е сериозен пристап.

„Сега кои се нашите препораки: Да се избегнува нездрава храна, балансираност во исхраната да се избегнува седечкиот начин на живот и зголемена физичка активност. Но, не е повеќе практиката јади помалку, а имај повеќе физичка активност, многу посложени се факторите за зголемена телесна тежина. Значи тука се и биолошките фактори и генетските фактори и социо-економските фактори и секако факторот на животната средина. Препораките се да се зголеми внесот на овошјето и зеленчукот, а главна препорака е 8 чаши вода на ден да се пие минимум“, вели Доктор Ратко Давидовски специјалист по хигена и здравствена екологија.

Речиси една милијарда од светската популација е гојазна, а се повеќе и во Македонија се отвораат разни центри против дебелина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот