Жители на Страцин ќе постават блокада кон Бугарија, државата им го пресекла локалниот пат за Ранковце

Фото: Макфакс / принтскрин

Жители на кратовското село Страцин најавуваат протест и се закануваат дека ќе постават блокада на патот кој води кон границата со Бугарија преку Крива Паланка, откако државата им го пресекла локалниот пат што нивното село го поврзува со кумановско Ранковце, објави „Макфакс“.

Работници на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го пресекле локалниот пат во рамките на градежните активности за изградба на новиот експресен пат Ранковце – Крива Паланка.

Жителите бараат да се најде алтернатива за локалниот пат, со која ќе бидат поврзани сите куќи од селото за да може непречено да си ги завршуваат вообичаените обврски.

„Ни го пресекоа патот и сега овците, за да ги префрлам од едната на другата страна, морам да ги пуштам преку патот што води за Бугарија. Имам 200 овци и секој ден по двапати треба да го поминуваат патот. Исто и за тракторите. Ни стојат во селото, а за да ги однесеме на нивите, мора да поминеме по истиот автопат. Досега си го користевме локалниот пат и за Ранковце, ама дојдоа, ставија знаци и нè отсекоа“, се жалат жителите.

Тие денес се собраа на местото на кое е препречен патот и на градоначалниците на Кратово и на Ранковце, Тодорче Николовски и Борче Спасовски, им покажаа дека немаат друг начин, освен со стоката и тракторите да минуваат по патот за Бугарија. Добија ветувања дека ќе се бара ново решение во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Од Јавното претпријатие потврдија дека локалниот пат е пресечен, но и дека е даден налог веднаш да се овозможи сообраќај по него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот