Жера од „Црвена јабука“: Бебек одби да ми даде автограм, Здравко е господин човек

Фото: Приватна архива

Фронтменот на сараевската група „Црвена јабука“, Дражен Жериќ – Жера, со својот бенд ќе одржи концерт во Скопје, на 10 октомври во салата „Јане Сандански“. Жера е, всушност, единствениот член од првиот состав на култната група, кој настапува и денес. Иако со прекини, според него, групата опстојува од 1985 година само поради добрите песни и душата на Сараево што е во секоја од нив. И по 40 години, со истата енергија како некогаш, Жера и денес знае како да ја крене публиката на нозе.

Жера пред концертот беше во Скопје. Носеше „старки“, кои му се заштитен знак, а во разговорот спомна дека и неговите ќерки кога одат на неговите концерти, се облекуваат во ист стил – патики „старки“, кожени јакни…

Низ сите овие 40 години колку што е на музичката сцена, Жера вели дека се трудел никогаш славата да не му удри во глава. Особено му е важен односот кон неговата публика, бидејќи кога имал 11 години, побарал автограм од Жељко Бебек, а тој го одбил.

– Знам како се чувствував тогаш. Неубаво. И токму затоа никогаш не одбивам фотографирање со мојата публика. Мене славата не ми удри во глава. Прво, мора да останеш нормален во она што го работиш. Мора да си приземјен. Јас никогаш не се занесувам. Не станувам сабајле и да си викам во огледало: „Баш си убав и популарен“. Затоа и Здравко Чолиќ е господин човек, кој никогаш не се занесе дека е ѕвезда – открива Жера.

Музичарот е татко на две ќерки (близначки) – тинејџерки. Во брак е со сопругата Барбара, од која е постар 24 години. На прашањето како е да се има помлада жена, вели: „Па жена му на Бебек е 38 години помлада од него. Но, ете, се случи спонтано и љубовта ме прави среќен“.

Жера вели дека не е строг татко и дека е близок со ќерките.

– Мајка им е строга. Тие едвај чекаат јас да дојдам дома за да можат сѐ да прават. Кога треба да дојдат на моите концерти, тогаш е лудница. Облекуваат кожени јакни, „старки“, играат, пеат – открива фронтменот на „Црвена јабука“.

Дражен Жериќ Жера „Црвена јабука“/Фото: Приватна архива

Жера 30 години живее во Загреб и исто толку живеел во Сараево. Духот на Сараево е во неговиот генетски код, но вели дека нема дефиниција за тоа која е тајната на градот кој е колевка на многу познати уметници. Низ насмевка вели дека кога оди таму, прво оди на бурек, па на ќебапчиња, па пак на бурек.

– Не е лош скопскиот симит, но бурек си е бурек. Хрватската кујна ја сакам најмногу, но за сите овие години не најдов место каде што има ќебап како сараевскиот. А, кога сум кај вас, во Македонија, се знае, одам на чорба, а потоа на салата и скара – открива Жера.

Во цела плејада песни и хитови, можеби „Волио би да си ту“ му е најдрага. Жера откри и зошто „Бјежи кишо с прозора“ ја пее во женски род, велејќи: „Знаете, ретко кој го прашува тоа. Сосема спонтано ја снимавме, ниту ние не знаеме зошто, но, ете, сме биле пред времето. Денес, не се знае кој е женски род, а кој машки. Не знаеш веќе кој е кој пол“, се шегува Жера.

Дражен Жериќ Жера Фото: Приватна архива

Пејачот се присети и на војната во Босна и Херцеговина, која ја поминал во Сараево, и повеќето од времето без вода и без електрична енергија. Стариот состав на групата се распадна пред војната во 1991 година, а од 1995 година Жериќ основа нов бенд што работи од Загреб каде што и тој живее.

– Во текот на војната често немавме вода ниту електрична енергија, се собиравме по подруми и свиревме акустични гитари. Кога излегов од Сараево, шест месеци бев бегалец во Германија, а потоа заминав за Хрватска. Со гитаристот Златко Арсланагиќ – Злаја, основач на групата и автор на старите песни, не сум се слушнал од 1995 година. Тој се повлече од музиката, живее во Канада и работи во книжарница – вели Жериќ.

Музичарот ни откри и дека нема социјални мрежи и дека е среќен што добро функционира без нив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот