Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ одбележува јубилеј 25 години од основањето (дополнето)

Во рамките на програмата на манифестацијата „Есенски музички свечености“ на 2 декември, со почеток во 20.30 часот, во Фоаје на Националната опера и балет, ќе се одржи концертот „Света Злата слави“, на кој Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ ќе го одбележи јубилејот – 25 години од основањето. (Концертот беше најавен за 30 ноември, но поради вонредни околности беше откажан.)

Диригент на концертот ќе биде Летка Димовска – Полизова, а како гости ќе настапат Влатко Стефановски – гитара, како и Сања Шуплевска – виолина и Орце Ицковски – фагот, од камерниот ансамбл „Полифонија“, Давор Јордановски со аранжман и клавијатури, Васил Гарванлиев – вокал, Калина Велковска – Кали со вокал и Иван Еминовиќ на пијано. На програмата се дела од Прокопиев, Шуплевски, Скаловски, Зографски, Стојков, Лековски, Запров, Д. Имери, Д. Јордановски, Бортњански, Вебер, Грахам, Кинг и Лари Брајант.

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на Митрополитот Полошко-кумановски, г. Кирил.

Хорот „Св. Злата Мегленска“ преку своето 25-годишно континуирано работење стана хорски расадник и културен храм, каде со огромна љубов и посветеност ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери. Но, приоритетен предизвик е афирмирањето на првичните пројавувања на младите академски музичари, соло-пејачи и вљубеници во хорската музика.

Многу млади соло-пејачи, музичари и студенти на ФМУ – Скопје, токму со хорот „Св. Злата Мегленска“, како редовни хор-солисти го имаа првото солистичко деби, започнувајќи ја својата солистичка кариера (Ана Дурловски, Милена Арсовска, Николина Јаневска, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов, Ирена Крстеска, Ивана Здравковска….)

Карактеристични и општо познати активности на хорот, преку истоименото Здружение, се организацијата на манифестацијата „Божик – Слава“, Велигденскиот концерт „Воскресение твое“, организацијата на првиот фестивал на византиско пеење „Јустинијан Први“, како и презентацијата на хорски дела на младите автори и поттикнување на творештвото на најмладите. Негов основач и диригент е академскиот музичар Летка Димовска – Полизова.

Во период од 25 години концертна и фестивалска дејност, хорот „Св. Злата Мегленска“ има освоено титула „Светски шампион“ во 2016 година, шест Олимписки медали, три Гран-при награди, 14 меѓународни златни медали, 11 сребрени медали, три бронзени медали и осум специјални награди.

Сите овие награди и признанија се освоени во Велика Британија, Бугарија, САД, Австралија, Германија, Франција, Италија, Словенија, Шпанија, Австрија, Шведска, Летонија, Хрватска, Португалија, Канада, Калифорнија, Чешка, Швајцарија, Русија, Ирска, а хорот настапувал во најпознатите светски катедрали, концертни сали, оперски куќи и национални музеи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот