Жени нема што да бараат на факултет, одлучија талибанците
Во уште еден удар за слободата на жените во Авганистан по преземањето на власта од талибанците, денеска беше објавено дека на сите жени им се забранува високото образование во земјата.
Препорачано
Министерот за образование во писмо вели дека новата забрана се очекува да стапи во сила веднаш. Тоа дополнително го ограничува пристапот на жените до формално образование, бидејќи тие веќе се исклучени од повеќето средни училишта.
Студентка на Универзитетот во Кабул за „Би-би-си“ рече дека плачела кога ја слушнала веста. Пред три месеци, илјадници девојчиња и жени полагаа приемен испит на универзитетите низ Авганистан. Но, беа наметнати огромни ограничувања за предметите што можеа да ги учат, како ветеринарна наука, инженерство, економија и земјоделство, а новинарството беше сериозно ограничено.
По преземањето на власта од талибанците лани, универзитетите воведоа училници и влезови поделени по пол. Студентките можеа да ги учат само професорки или стари луѓе.
„Како да реагирам? Верував дека можам да учам и да ја променам својата иднина или да ја донесам светлината во мојот живот, но тие го уништија“, вели една студентка во изјава за „Би-би-си“.


