Фото Колаж Слободен печат / Валентина Живковиќ
Убиениот Климе Митрески и осомничениот убиец Жарко Грозданоски / Фото: колаж / Слободен печат / социјални мрежи

Жарко Грозданоски, осомничен за убиството на 76-годишниот Климе Митрески, има контроверзно минато – му се заблагодарувал на Палевски

Водачот на ултра-десничарската организација „Христијанско братство“ Жарко Грозданоски, кој е осомничен за убиството на 76-годишниот охриѓанец Климе Митрески, има контроверзно минато.

Како што објавија локалните медиуми, Грозданоски осомничен за убиството на Митрески имал мотив – користољубие, затоа што сакал побрзо да го наследи имотот што убиениот Климе го имал во стариот дел на Охрид, вреден 1 милион евра, вклучително и угостителскиот објект „Климентов конак“.

Овој имот со договор за издршка, би му припаднал на Грозданоски. Покрај тоа што бил гонет за закани по животот на поранешниот премиер Зоран Заев, тој според податоците што „Слободен печат“ ги пронајде во архивата на Основниот суд Тетово, во 2012 година бил гонет и за кривичното дело „оштетување туѓи предмети“. Тогаш тој се согласил да плати отштета од 23 илјади денари зашто ја оштетил шофершајбната на лицето што го тужело, во замена тоа да ја повлече пријавата против него.

„Тужителот преку неговиот полномошник остана при барањето од 27.08.2012 година со тоа што во делот на плаќањето на штета за шофершајбната истиот се согласил истата да биде половина, така што заедно со трошоците на постапката побара износ од 23 илјади денари и ова го прави во знак на помирување со обвинетиот бидејќи се соселани и се согласни дека во иднина нема да имаат вакви недоразбирања. Со овој предлог се согласи обвинетиот и побара од судот да му даде рок да ја плати штетата и на трошоците“, пишува во записникот од 11.09.2012 година што е објавен во архивата на сајтот на Судот.

Кога „Слободен печат“ го пребара Грозданоски на социјалните мрежи, пронајдовме дека е автор на крими-роман, со корица на која има инвалидска количка и пиштол, насловена „Одмазда“. Книгата е од 2024 година на македонски јазик но во 2026 година има преводи на бројни јазици. Трилерот како што го опишал сега осомничениот Грозданоски, бил „трилер на правдата, предавството и темнините на човековото срце“.

Извор Амазон
Извор Амазон

Дополнителното пребарување на социјалните мрежи, прикажува како изгледала една „заклетва“ која припадниците на Христијанско братство ја давале во црковните храмови.

Исто така, евидентно е дека организацијата што ја предводи Грозданоски била споменувана од страна на Љупчо Палевски викан Палчо, неправосилно осуден за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Палевски го споменувал Христијанско братство и лидерот Жарко Грозданоски кога зборувал дека членови на оваа организација наводно биле следени од безбедносниот апарат и безбедносните структури во државата, во операцијата „Атлантик“.

 

Тогаш Грозданоски му се заблагодарил на Палевски со зборовите:

Само да ги поздравам душманите и предавниците! Се додека не има нас патриотите и родољубите, Македонија ќе живее. Да живее Република Македонија! Огромен поздрав до Палчо, напишал тој на 9 јули 2020 година.

Во февруари 2022 година, пак, има објавено видео како со други членови на организацијата дава заклетва пред владиката Агатангел.

Грозданоски е осомничен дека го убил 76 годишниот Климе Митрески од Охрид, со кого наводно имал склучено договор за доживотна издршка. Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев денеска на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека со брза, координирана и темелна полициска акција резултатот е експресно идентификување и лишување од слобода на лице осомничено за убиство кое слободно се движело меѓу граѓаните.

За помалку од осум часа од пријавата за исчезнато лице, службите на СВР Охрид, Тетово и Скопје со целосна посветеност утврдија дека не станува збор за несреќен случај, го идентификуваа сторителот и истиот беше пронајден и лишен од слобода, напиша првиот човек на БЈБ.

Според информации од МВР, вчера во 17 часот и 20 минути во тетовското село  Брвеница, полициски службеници од СВР Тетово, по претходно распишана централна потерница од СВР Охрид, од слобода го лишија Ж.Г.(53) од истото село кој се сомничи за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од кривичниот законик.

Вчера во 8 часот и 24 минути вчера во  СВР Охрид е пријавено дека во неговиот дом на улицата „Нада Филева“ во Охрид, без знаци на живот бил пронајден К.М.(76) од Охрид. На местото на настанот извршен е увид од надлежен јавен обвинител и полициски екипи, а лекар од Итната медицинска помош констатира смрт по што, по наредба на јавен обвинител, телото е предадено за обдукција. По целосно расчистување на случајот против Ж.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава, пишува во билтенот на МВР.

Инаку, убиениот Митрески на повеќе видео материјали и фотографии може да се забележи во друштво и придружба на осомничениот Грозданоски. Митрески минатата година на Фејсбук објавил писмо до своите деца во кои што соопштува дека ја прекинува секоја комуникација со нив.

Убиство во Охрид – жртвата е пензионер, осомничениот убиец е уапсен на другиот крај од земјата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот