Згрчени од болка, најблиските ги слушаат имињата на загинатите и нивните згаснати животни приказни
Со згрчени лица од болка и солзи што не можат да запрат, родителите на загинатите во кочанската трагедија и цел државен врв во Домот на културата во Кочани ги слушаат трагично прекинатите приказни на жртвите.
Препорачано
По азбучен ред се читаат нивните имиња, но и нивните соништа кои завршија во пожарот во „Пулс“ пред точно една година.

Се слушаше за нивната младост, добрина и храброст, нивните планови да бидат идни фудбалери, фотографи, програмери, механичари, дизајнери.
-Кочани изгуби 63 бисери, идни мајки и татковци изгубивме цела генерација. Раните не само што не се затворија, туку станаа подлабоки. Не можевме да ги заштитиме од смртта, но може да го зачуваме сеќавањето за нив – зборуваа водителите на комеморацијата кои не можеа да ја скријат тагата.

Плоштадот во Кочани, каде што има видео бим е полн, но е тивко.
Таму се 63-те бели столчиња, празни, со по една бела ружа на нив, со нивните имиња и датумот на раѓање.


