Зголемен број на поплаки до Народниот правобранител, најмногу од работното место

Фото: Pexels

До Народниот правобранител во 2022 година биле поднесени 76 поплаки за дискриминацијa, што е за 30 повеќе од претходната година.

На денешната конференција „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“, народниот правобранител Насер Зибери истакна дека бројот и видот на претставки се совпаѓа со наодите од анкетата на Центарот за управување со промени (ЦУП) и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и нагласи дека „тоа навистина загрижува ако се земе предвид дека постои и соодветна комисија (КСЗД) која исто така добива претставки по основ на дискриминација.

Според пристигнатите претставки и оние што Народниот правобранител ги отворил по сопствена иницијатива, најбројни се во областа на работа и работни односи, потоа пристап до други услуги, правосудство и управа, домување, образование, наука, спорт, социјална сигурност итн.

Ме загрижува високиот процент на недоверба на граѓаните во институциите за заштита од дискриминација, многу висок процент на граѓани кои не се охрабруваат да посегнат кон покренување инструменти за заштита бидејќи однапред се депримирани односно немаат доверба во институциите. Ова треба да ја загрижува Владата, но и Собранието зашто тие се фактори што ги креираат политиките, рече Зибери.

Исто така, рече и дека Владата и Собранието, кои ги поддржуваат овие национални тела за заштита на човековите права, со постојаното кратење на нивните буџети и несоздавање соодветни услови за функционирање, немањето доволно ресурси и кадар, не придонесуваат во позитивни резултати.

И институцијата што тој ја предводи – Народен правобранител, рече, поради постојаното кратење на буџетот не е целосно достапна за лицата што бараат остварување на нивните права, како во Скопје, така и во регионалните организации.

Според Зибери, за да се практикува толеранција наспроти дискриминација, во општеството треба да се создава култура на еднакви и фер можности, а за да се постигне тоа е потребно време и вклучување на сите фактори.

Голема улога имаат родителите при воспитувањето на децата за прифаќање на различностите, потоа наставниците тоа да го надградат, а не помалку важна е, рече тој, и улогата на медиумите.

Но никако не смееме да ги заборавиме и институциите каде што граѓаните ги остваруваат своите права и кои на секој поединец мора да му овозможат да ги оствари своите права без да се има предрасуди за неговиот пол, политичка определба, вера, боја на кожа и социјален статус, истакна Зибери.

Поради економски фактори, додаде Зибери, во државава луѓето дневно се соочуваат со дискриминација. Ја посочи и инклузивноста на лицата со попреченост која, рече, од банални причини наидува на проблеми, како што е непристапност поради бетонски бариери.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на отворањето на конференцијата истакна дека неинформираноста и неприфаќањето на различноста е еден од клучните причини за постоење на дискриминацијата и тоа е прашање на кое, нагласи таа, „мора заеднички да се фокусираме во иднина и да креираме мерки со цел да се обезбеди еднаков третман на сите граѓани и подигање свеста кај граѓаните“.

Дискриминацијата, нееднаков третман и непочитување на луѓето е кршење на човековите права и напад врз општеството во целина. Токму затоа борбата со дискриминацијата е обврска и приоритет на Владата, МТСП и на сите институции. Наша заедничка одговорност е да создадеме услови за квалитетно живеење и остварување на правата на секој граѓанин, истакна Тренчевска.

Посочи дека МТСП посветено работи на остварување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација со временска рамка 2022-2026 и Акцискиот план 2022-2024, што опфаќа и градење на капацитетите на вработените во јавните институции за спроведување на овие политики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот