„Зелен хуман град“ нема да гласа за градски Буџет со двојно намалени средства за животна средина

Загадување во Скопје / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Годишен Буџет со 46 отсто намалени ставки за заштита на животна средина кога 5.600 луѓе во Македонија годишно умираат од загаден воздух и Буџет во кој не е наведено точно кои средства за кои проекти ќе се користат  е неприфатлив за советниците од „Зелен хуман град“ и тие нема да го гласаат на денешната седница, на која ќе се расправа за Предлог Буџетот на Град Скопје за наредната година.

Буџетот е круцијален документ кој МОРА да се носи во соработка со граѓаните и со советниците кои ги претставуваат нив. Тоа што ние сега го добиваме е документ изработен без никакво наше учество. За целото ова време додека најважниот документ за скопјани се составуваше зад затворени врати, на градските сектори им беше забрането директно да комуницираат со нас, советниците. Зошто ЗХГ одлучи да не поднесува амандмани, туку во целост да го одбие овој штетен буџет? Затоа што од изгласаните амандмани ниту еден до сега не бил комплетиран, а поголем дел од нив никогаш ни започнати (Буџет 2021: 27 поднесени, 1 прифатен, 0 остварени; Буџет 2022: 33 поднесени, 5 прифатени, 0 остварени; 2023 година: 13 поднесени, 4 прифатени, 0 остварени)- соопштуваат од граѓанската иницијатива.

Оттаму посочуваат дека ЗХГ нема да го гласа овој Буџет и неговите програми, додека не се организира средба помеѓу секторите, градоначалничката и сите советници, и Буџетот да биде заеднички составен. Како што соопштуваат, нема да го гласаат и додека не се добие т.н. „описен дел” каде што се гледа точно колку средства се планирани за секој проект поединечно, додека не се дозволи директна соработка со секторите, без потреба од присуство или зелено светло од градоначалник, додека не се комплетираат проектите започнати со амандмани од претходните 2 години и додека не се вклучат во Буџетот бројни и ефективни мерки за намалување на аерозагадувањето според барањата на ЗХГ

Можеби сме само 2 совеници од 45, но застапуваме 10.000 скопјани кои гласаа за ЗХГ. Тие, и сите останати заслужуваат преку директна демократија да учествуваат во креирање на Буџетот на сопствениот град. Скопје заслужува да дише чист воздух! – реагираат од „Зелен хуман град“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот