„Зелен хуман град“ ги повика скопјани да извршат јавен притисок против изградбата кај „Холидеј ин“

кули холидеј ин
Фото: Фејсбук

Денеска изминуваат 48-те часа што граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ им ги даде на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Јавното обвинителство да постапат и да се произнесат за ДУП Ц 08, кој го опфаќа просторот на паркингот кај “Холидеј ин“, каде започна изградбата на првата од трите кули од комплексот „Гранд“. Од Иницијативата ги повикаа и скопјани да им се придружат во јавниот притисок врз институциите, затоа што како што велат, кога неправдата станува закон, бунтот станува должност.

Од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Јавното обвинителство,„Зелен хуман град“ бара најитно да си ја исполнат својата должност и да го заштитат јавниот интерес, а новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат. Го повикуваат и Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП.

Како што велат од Иницијативата, во моментов е издадено одобрение за еден од трите планирани објекти на една од трите парцели, но е отворена можноста за издавање одобрение за другите два објекти-кули на првата парцела и за окрупнување на другите 2 парцели и целосно приватизирање на овој простор без содржини од јавен интерес.

-Во октомври 2018 година Министерството за транспорт и врски продава над 9000 метри квадратни државно земјиште за да се дооформи парцела од над 13 000 квадратни метри врз основа на извод од Детален урбанистички план кој не се применувал, согласно со одлука донесена од Општина Центар за запирање на неговото спроведување. Во април 2021 година Општина Центар изработи елаборат за суспензија на ДУП за Градска четврт Ц 08 поради огромно надминување на максималната густина на населеност и степенот на изграденост, односно незаконска неусогласеност на тој ДУП со актуелниот Генерален урбанистички план на Скопје – вели Драгана Велковска од „Зелен хуман град“ во своето обраќање до јавноста и потсетува и дека Државната комисија за спречување на корупција во мај годинава побара Јавното обвинителство да преземе истражни дејствија околу начинот на којшто е донесен ДУП бидејќи постои сомнеж за изврешни злоупотреби на службена положба и овластување.

Од Иницијативата деновиве одново потсетија дека ДУП или дел од ДУП што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од Генералниот урбанистички план, не може да се применува, што значи и дека продажбата на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски и одобрението кое го издал градоначалникот на Општината Центар се незаконски.

На барањето на „Зелен хуман град“ реагираа жителите на Ново Маало кои им порачаа на активистите да престанат со реакциите и најавија дека ќе протестираат доколку запре изградбата.

-Жал ми е што новомаалци не ја слушнаа нашата порака – ние сме свесни за нивните проблеми, ние не ги заборавивме како што ги заборавиле институциите и во комуникацијата со јавноста побаравме итно решение за нив, државата им го должи тоа! Но нехумано урбанистичко планирање и бирање на помалото зло НЕ е решение! Утре ќе има други новомаалци. Други луѓе што ќе бидат заложнички држени во нехумани услови со децении од урбанистичката мафија само за да може да бидат доведени до безизлез и принудени да ја гледаат мафијата како спасител – напиша Велковска на фејсбук.

На просторот спроти „Холидеј ин“ пред една недела започна изградбата на едната од трите кули на градежната Парцела 1.1, проект што подолго време предизвикува голем интерес и реакции кај јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот